Актуелната ситуација околу исчезнатата подморница, која го истражуваше потонатиот брод „Титаник“, во еден дел доби неочекуван и пред сè неморален епилог.
Коцкарите на децентрализираната платформа за обложување „Полимаркет“ (Polymarket), која овозможува шпекулации за исходот на одредени настани од реалниот свет, досега се обложиле на над 170.000 американски долари во врска со пронаоѓањето на екипажот.
Подморницата со петчлен екипаж, наречена „Титан“, исчезна на 18 јуни, за време на експедиција за набљудување на остатоците од потонатиот брод „Титаник“. Во тој момент на располагање имало кислород за само 96 часа, што значеше дека постои веројатност патниците веќе да останале без воздух за дишење.
Прочитај повеќе
Подморницата „Титан“ уништена од имплозија, светот им оддава почит на загинатите
Петте члена на екипажот на исчезнатата подморница, која се упати кон набљудување на остатоците од познатиот брод „Титаник“, загинале по „катастрофална имплозија“.
23.06.2023
Што знаеме за потонатата подморница и уште колку има воздух?
Командниот брод изгубил контакт со подморницата и нејзините патници помалку од два часа по лансирањето.
20.06.2023
Сè додека имаше активна потрага во Атлантски Океан, криптообложувачите вложуваа големи суми за наоѓање на подморницата, a последниот рок е до полноќ на 23 јуни. Ова е вест што прв ја објави „Гизмодо“ (Gizmodo) на својот твитер-профил.
Во моментот на пишување, според „Полимаркет“, има само петнаесет проценти шанси до крајот на денот да се најде исчезнатата подморница со екипажот. Според конкретните податоци на облозите на „Полимаркет“, екипажот на подморницата не треба да се спасува или физички да се извлекува, туку едноставно да се најде пред истекот на наведениот временски рок. Според сегашната ситуација, шеесет и два отсто од облозите се „не“, бидејќи повеќето не веруваат во наоѓање на подморницата во овој краток рок.
Откако се проширија вестите за облози со криптосредства за настан каде што човечки животи се реално загрозени, имаше бурни и спротивставени реакции на социјалните мрежи.
Покрај ова обложување, отворени се и такви за потенцијална можност за колапс на американска банка до крајот на месецот, потоа за победа на претседателските избори, за зголемување на каматите од страна на ФЕД, за заминувањето на Мбапе од ПСЖ и за членството на Шведска во НАТО.