Светската здравствена организација (СЗО) месецов ќе прогласи дека еден од најкористените вештачки засладувачи во светот, кој се наоѓа во илјадници намирници без шеќер, од безалкохолни пијалоци до желе и гуми за џвакање, потенцијално предизвикува рак.
Меѓународната агенција за истражување на рак на СЗО (анг. WHO’s International Agency for Research on Cancer - IARC) ќе го означи аспартамот како „веројатно канцероген за луѓето“, објави „Ројтерс“.
Подолу ги наведуваме клучните работи за оваа супстанца.
Што е аспартам?
Аспартамот е популарен меѓу производителите на храна поради високото ниво на сладост и нискиот број на калории. Направен е со комбинирање на две природни аминокиселини, фенилаланин и аспарагинска киселина. Создаден е во 1965 година од страна на хемичарот Џејмс М. Шлатер во САД. Се вели дека тој истражувал лекови против чир и го лижнал прстот обложен со соединението, откривајќи ја неговата сладост.
За што се користи аспартамот?
Како замена за шеќер се наоѓа во илјадници производи на некои од најголемите светски производители на храна и пијалаци - „Кока-кола“ (Coca-Cola Co.) и „Пепси“ (PepsiCo Inc.) го користат во нивната понуда без шеќер, а „Марс“ (Mars Inc.) го додава во производите за џвакање на „Вриглис“ (Wrigley). Се продава и како засладувач под имиња на брендови како што се „Икуал“ (Equal) и „Нутрасвит“ (NutraSweet).
Што ќе каже СЗО?
СЗО планира да објави два извештаја за аспартамот на 14 јули, според „Ројтерс“. ИАРЦ се очекува да го нагласи ризикот од рак. Вториот извештај од Заедничката организација за храна и земјоделство/Експертски комитет за прехранбени адитиви на СЗО (Joint Food and Agriculture Organization/WHO Expert Committee on Food Additives - JECFA), ќе обезбеди ажурирана проценка за ризикот од засладувачите и ќе се однесува на прифатливиот дневен внес на аспартам и други потенцијални штети од неговата консумација.
Кои други заклучоци може да ги донесе ИАРЦ?
Проценката ќе го класифицира аспартамот во една од четирите категории: канцероген за луѓето, веројатно канцероген за луѓето, потенцијално канцероген за луѓето или „не може да се класифицира во однос на неговата канцерогеност за луѓето“.
Што велат сегашните упатства?
ЈЕЦФА првпат издаде проценка за овој додаток во 1981 година, заклучувајќи дека прифатливиот дневен внес на аспартам е 40 милиграми на килограм телесна тежина. Ова ограничување е поддржано од други регулатори како што е Европската агенција за безбедност на храна. Конзерва од 355 милилитри диетална сода обично содржи околу 200 милиграми аспартам, според Универзитетот во Алабама.
Што велат други групи?
Американската Администрација за храна и лекови (FDA) смета дека аспартамот е безбеден уште од 1974 година, кога го одобри соединението за „користење како обичен засладувач и во гуми за џвакање, ладни житарки за појадок и суви основи за одредени видови храна.“ Во 1996 година, ФДА го одобри за се користи како „општ засладувач“.
Меѓутоа, Центарот за наука од јавен интерес, група за застапување на потрошувачите, го нарече аспартамот нискокалоричен засладувач што „најмногу загрижува“ бидејќи има „убедливи докази дека предизвикува рак и е моќно канцероген“. Ја номинираше состојката за евалуација од ИАРЦ во 2014 и 2019 година.
Каков беше одговорот на индустријата?
„Постои широк консензус во научната и регулаторната заедница дека аспартамот е безбеден. Тоа е заклучок кој агенциите за безбедност на храна ширум светот постојано и одново го постигнуваат“, се вели во соопштението на Американското здружение за пијалаци за „Блумберг“. „Кока-кола“ и „Пепси“ одбија да коментираат.