Француската влада соопшти дека ситуацијата на улиците ширум земјата, во петтата ноќ на немири откако полицаец уби тинејџер во предградие северозападно од Париз, почнува да се смирува.
Во текот на ноќта полицијата уапсила 427 лица, а претходната ноќ бројката на уапсените изнесуваше повеќе од 1.300. Владата распореди 45.000 полицајци низ целата земја во обид да го спречи насилството, што резултираше со грабежи на продавници и оштетување на објекти.
Немирите претставуваат политички ризик за францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја откажа државната посета на Германија закажана за недела за да се справи со ситуацијата во земјата. Претходно неделава, Макрон ги повика родителите и социјалните мрежи да помогнат да се стави крај на насилството.
„Ова беше помирна ноќ благодарение на решителната акција на полицијата, која уапси 427 лица од почетокот на вечерта“, напиша министерот за внатрешни работи Жерар Дарманин на „Твитер“ рано во неделата.
Погребот на 17-годишниот Нахел, момче со северноафриканско потекло, беше извршен во саботата во џамија во предградието на Париз, објави „Франс прес“. Немирите, кои се споредуваат со реакцијата на убиството на Џорџ Флојд во 2020 година во САД, се претвораат во момент за пресметка во Франција.
Погребот на Нахел беше одржан во Нантер, каде што беше убиен од непосредна близина во автомобил. На видеото објавено на социјалните мрежи, се гледаат двајца полицајци како се наведнуваат во возилото, а еден од нив пука додека возачот се оддалечува. Властите не го објавија презимето на Нахел.
Полицаецот кој пукаше во Нахел е обвинет за убиство и е во истражен затвор. Паскал Праче, обвинител од Нантер, во четвртокот рече дека законските услови за употреба на оружје не се исполнети во овој случај.
Десет трговски центри, повеќе од 200 супермаркети, 250 продавници за тутун и 250 филијали на банки биле нападнати или ограбени, изјави во саботата министерот за финансии Бруно Ле Мер.
„Насилството и грабежите низ целата земја се целосно неприфатливи“, рече тој. „Овие дела се непростливи“.
Лоран-Франк Линард, адвокатот на полицаецот, за радио „Европа 1“ изјави дека полицаецот бил убеден дека „треба“ да пука.
Мајката на Нахел, идентификувана само како Мунија, во интервју за „Франс 5“ изјави дека не ја обвинува полицијата. „Обвинувам една личност, таа што го одзеде животот на мојот син“, рече таа. „Тој виде арапско лице, младо дете. Сакаше да му го одземе животот“.
Немирите во Франција датираат од 2005 година, кога неколкунеделни нереди следеа по смртта на две момчиња во трафостаница по полициска потера. Тоа во центарот на вниманието ги стави практиките на француската полиција, како и на долготрајните тензии во посиромашните предградија на земјата.
Во 2005 година, француската влада прогласи вонредна состојба која траеше речиси два месеца.
Додека Макрон засега го избегнува тој чекор, властите наредија откажување на одредени настани и собири во петокот.
Немирите се особено загрижувачки за француската влада, која веќе се соочи со повеќемесечни протести поради непопуларниот закон за пензиски реформи, против кој во март протестираа дури 1,28 милиони луѓе. Протестите завршија во мај, откако француските синдикати признаа дека не успеале да го принудат Макрон да се повлече.