Глобалните температури во понеделникот го урнаа рекордот, истакнувајќи ја опасноста од сè поголемото испуштање на стакленичките гасови од согорувањето на фосилните горива.
Просечната глобална температура достигна 17 Целзиусови степени (63F), што е за мал процент над последниот рекорд од 16,9 Целзиусови степени, измерен во август 2016 година, според податоците на Националниот центар за предвидување на животната средина (National Centers for Environmental Prediction). Новиот максимум на температурата илустрира екстремно лето во 2023 година на северната хемисфера и го става во фокус бавното темпо на глобалниот напредок во намалување на емисиите на стакленичките гасови.
„Ова не е пресвртница што треба да се слави, ова е смртна казна за луѓето и екосистемите“, вели Фридерике Ото, виш предавач на институтот за климатски промени и животна средина „Грантхам“ (Grantham). „Загрижувачки е тоа што ова нема уште долго да биде најтоплиот ден. Метеоролошкиот феномен Ел Нињо (El Ninjo) ќе ги зголеми глобалните температури“, рече таа.
Летните горештини веќе загрозија милиони луѓе низ светот. Кина доживува нов топлотен бран веќе две недели откако температурите ги урнаа рекордите во Пекинг. Екстремните горештини во Индија претходниот месец се поврзани со смртни случаи во некој од нејзините најсиромашни региони. Минатата недела топлотна купола ги прекри Тексас и Северно Мексико, додека Велика Британија го забележа најжешкиот јуни досега.
Условите во кои феноменот Ел Нињо (El Ninjo) се разви во тропскиот Пацифик за првпат по седум години ќе предизвикаат пораст на температурите, според Светската метеоролошка организација. „Почетокот на Ел Нињо во голема мера ќе ја зголеми веројатноста за соборување температурни рекорди“, вели генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петри Таалас.
„Веројатно светот ќе надмине 1,5 степен загревање во ’блиска иднина’, а напорите на климатските акции и натаму не се доволни“, рече Петри Таалас на меѓувладиниот панел за климатски промени презентиран во март. Глобалните емисии на стакленички гасови мора да бидат намалени на 60 отсто, или под нивото од 2019 до 2023 година.
„На нашиот свет му треба климатска акција на сите фронтови – секаде и одеднаш“, рече тогаш генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Гутереш ги повика земјите веднаш да ги забрзаат плановите за постепено укинување на употребата на фосилните горива. Вниманието ќе се фокусира на напорите да се ограничи глобалното затоплување додека нациите се собираат на годишниот самит на ОН за климата COP28 во Дубаи подоцна оваа година, со мали очекувања за потенцијалните резултати. Дипломатите го напуштија двонеделниот подготвителен состанок за COP28 одржан минатиот месец во Германија, разочарани од меѓудржавните расправии и она што некои го опишаа како недостиг од амбиција на Обединетите Арапски Емирати, годинашната земја домаќин.
Секој неуспех да се постигне напредок што значително ги зголемува изгледите за задржување на глобалната просечна температура под 1,5 степен на затоплување може да доведе некои земји, особено ранливите мали островски држави, да почнат да го доведуваат во прашање мултилатералниот климатски процес.