Со вистинско богатство се стекнаа инвеститорите коишто на почетокот на годинава вложија во акции од големите технолошки гиганти. Добар пример за тоа е акцијата на „Енвидија“ (Nvidia Corp.) која се зголеми од 143 долари во јануари годинава на над 420 долари во изминативе денови. Но, има ли причина да очекуваме дека и до крајот на годината ќе се богатиме од овие акции? Ова е една од петте вести кои треба да ги знаете за почеток на денот.
Богатство од технолошки акции
Главна причина за растот на вредноста на акциите на „Енвидија“ и на другите светски технолошки гиганти е развојот на вештачката интелигенција која ги маѓепса инвеститорите поради можноста од корен да го промени деловното работење во речиси сите сегменти на економијата. Анализиравме какви се очекувањата за движењето на овие индекси до крајот на годината и од што ќе зависи во која насока ќе се движи нивната вредност.
„Следниот период ќе го одбележат резултатите на светските компании од кои ќе видиме дали тие успеале да се стабилизираат и/или да ги зголемат своите маржи на профитабилност, вели Михаел Блажековиќ, аналитичар на пазари во „Блумберг Адрија“.
Тој додава дека доколку продолжи технолошкиот „балон“ (воден од вештачката интелигенција), берзанските индекси би можеле да одат уште повисоко во втората половина од годината (особено во САД).
Нова тужба за Маск: Манипулирал со цената на доџкоин?
Иако на новата листа на Форбс, Илон Маск е на второто место на најбогати луѓе во светот, со имот проценет на 180 милијарди долари, зад Бернард Арно, сега се соочува со тужба за тргување со инсајдерски информации.
„Тесла“ и Маск се соочуваат со обвинувања за инсајдерско тргување во тужба поднесена од инвеститори во криптовалути, кои велат дека извршниот директор на „Тесла“ и сопственик на „Твитер“ го искористиле своето влијание за да манипулираат со цената на доџкоин (Dogecoin).
Тужбата се заснова на наводи за пазарни манипулации и инсајдерско тргување, кое „било смислено од самиот Илон Маск за вештачки да ја зголеми цената на доџкоин за повеќе од 36.000 проценти“.
Последен ден за граѓанските обврзници
Граѓаните можат да доставуваат барања за да купат граѓански обврзници во деловните банки уште денеска. Аукцијата е закажана за утре, а министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека е можно зголемување на износот на граѓански обврзници што ќе бидат понудени доколку побарувачката е поголема од сегашната понуда од 600 милиони денари (околу десет милиони евра).
„Блумберг Адрија“ неодамна пишуваше дека постои голем интерес меѓу македонските граѓани за новите обврзници и дека заклучно со минатата недела кај некои банки веќе бил искажан интерес за запишување граѓански обврзници во противвредност од над милион евра. Искуствата од Хрватска и од другите земји кои веќе издадоа граѓански обврзници покажуваат дека побарувачката за овој финансиски инструмент веројатно ќе ја надмине понудата.
Силен раст на платите во ОК
Платите во Обединетото Кралство се зголемија повеќе од очекуваното на ниво за кое гувернерот на Банката на Англија (Bank of England-BOE), Ендрју Бејли рече дека ја поттикнува инфлацијата, одржувајќи притисок за повторно зголемување на каматните стапки.
Платите без бонуси во приватниот сектор се зголемија за 7,7 проценти, најголем раст ако се изземе пандемијата. Платите во јавниот сектор исто така растат со најбрзо темпо од 2001 година.
По објавата на податоците, веднаш скокна фунтата. Порасна за дури 0,3 отсто до 1,2899 долари, што е највисоко ниво од април 2022 година.
НАТО и Кина
Светските лидери ја поздравија одлуката на Турција повеќе да не го попречува приемот на Шведска во НАТО, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е апсурдно на Самитот во Вилнус да не и се понуди на Украина членство во НАТО. Тој истакна дека Украина заслужува почитување.
„Се чини дека нема подготвеност Украина да биде поканета во НАТО или да стане членка на Алијансата. Тоа значи дека е оставена можност да се преговара за членството на Украина во НАТО во преговорите со Русија. А, за Русија тоа значи мотивација да го продолжи својот терор, посочи Зеленски.
Во светот политички ама и економски Кина има главен збор. Ова требаше да биде година кога кинеската економија, ослободена од најстрогите контроли на Ковид-19 во светот, ќе се врати за да помогне во поттикнувањето на глобалниот раст. Наместо тоа, таа се соочува со низа проблеми.