Аспартамот, вештачкиот засладувач кој се наоѓа во сè, од диетални пијалоци, јогурт, сладолед и житарки за појадок, па до лекови, Светската здравствена организација (СЗО) го класифицира како „можно канцероген“.
Цитирајќи ги резултатите од две нови проценки за влијанието врз здравјето на популарниот вештачки засладувач, СЗО посочи дека има „ограничени докази“ дека аспартамот може да предизвика рак кај луѓето. Извештајот на Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРК) го означи засладувачот како „можно канцероген“. Друга проценка, од Заедничкиот експертски комитет на ФАО/СЗО за адитиви во храната (JEFCA), покажа дека во сегашните количини што вообичаено ги користат потрошувачите, безбедноста на аспартамот не претставува голема грижа.
И покрај наодите, „опишани се потенцијални ефекти кои треба да се истражат со повеќе и подобри студии“, рече во изјавата Франческо Бранка, директор на Одделот за исхрана и безбедност на храна на СЗО.
Прочитајте повеќе: Што знаеме за аспартамот, за кој СЗО вели дека е потенцијално канцероген?
На прес-конференција од седиштето на СЗО во Женева, Бранка ги повика потрошувачите да бараат производи „без шеќер или засладувачи“. Како алтернатива на многуте засладени со шеќер и диетални пијалоци на глобалниот пазар, Бранка рече: „наместо тоа, пијте вода“.
Посладок од шеќерот
Засладувачот на база на хемикалии кој е стотици пати посладок од шеќерот, аспартамот се пакува и се продава под имиња како што е „Екуал“ (Equal). Управата за храна и лекови на САД (ФДА) го одобри аспартамот во одредени производи во 1974 година, издавајќи безбедносен наод во 1981 година и го одобри како засладувач за општа намена во 1996 година.
„Кога Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРК) го означи аспартамот како 'можно канцероген за луѓето' тоа не значи дека аспартамот е всушност поврзан со рак“, се вели во соопштението на ФДА. „ФДА не се согласува со заклучокот на ИАРК дека овие студии поддржуваат класификација на аспартамот како можно канцероген за луѓето“.
Индустријата за храна и пијалаци ја очекуваше новата квалификација од СЗО. Индустриски трговски групи и експерти од научната заедница одговорија на соопштението со изјави во кои се критикуваат ограничените докази од студијата на ИАРК, повторувајќи ги претходните студии кои утврдиле дека аспартамот е безбеден.
„Постои широк консензус во научната и регулаторната заедница дека аспартамот е безбеден“, рече во изјава Кевин Кин, привремен претседател и главен извршен директор на Американската асоцијација за пијалоци. „Тоа е заклучок до кој постојано и одново доаѓаат агенциите за безбедност на храната ширум светот“.
Меѓу научниците, многумина ги повикаа потрошувачите да размислат дека и покрај новата класификација од студијата ИАРК, друга етаблирана студија на ЏЕФКА (JEFCA) не го промени она што се смета за прифатлива дневна количина на аспартам. Агенцијата претходно утврди дека возрасен човек со тежина од 70 килограми, може да консумира од 9 до 14 лименки газиран пијалок дневно, од кои секоја содржи од 200 до 300 милиграми аспартам и да остане во безбеден опсег на потрошувачка.
„Доказите се слаби“
„Доколку постоеше причина за загриженост, тие ќе го прилагодea сегашниот прифатлив дневен внес“, рече Арнолд Баскис, поранешниот претседател на националниот одбор на директори на Американското здружение за рак. „Американската администрација за храна и лекови ја потврди безбедноста на аспартамот“. Пол Фароа, професор по епидемиологија на рак во медицинскиот центар „Цедарс Сијани“ (Cedars-Sinai) во Лос Анџелес додаде: „Доказите дека аспартамот предизвикува примарен рак на црниот дроб или кој било друг рак кај луѓето се слаби. Општата јавност не треба да биде загрижена“.
Главниот финансиски директор на „Пепси“ (PepsiCo Inc.), Хју Џонстон, кој е во компанијата за храна и пијалоци од 1987 година, рече дека „стотици студии“ во текот на годините откриле дека аспартамот е безбеден. „Аспартамот е една од ретките работи што веројатно е со „Пепси“ подолго од мене“, рече Џонстон.