Со блокирање на централната градска крстосница во Струмица активисти и граѓани од Струмичко и регионот денеска го искажаа своето незадолство од одлуките на судовите и Владата за спојување на концесиите за експлоатација на минерални суровини односно отворање рудник за бакар и злато на локалитетите Иловица и Штука во општините Босилово и Ново Село.
На протестната блокада беа истакнати барања за раскинување на концесиите, како и утврдување одговорност за сите кои придонеле за можностa да се отвора рудник во Струмичко.
Според Николко Танушев, активист на Коалицијата „Стига е“ и член на Советот на Општина Струмица, денешниот протест треба да ги замисли сите кои одлучуваат.
„Ниту во еден момент да не помислите дека е можен рудник тука во Струмичко. Такво нешто ќе предизвика отворени насилни судири и дестабилизација на државата. Рудник овде никогаш нема да има“, порача Танушев, кој додаде дека со сите средства ќе продолжат да се борат против отворање рудник.
На говорницата обраќања имаа и други активисти и граѓани, кои уште еднаш повторија дека нема да дозволат да се отвори рудник во Струмичко.
На протестниот собир присутвуваа министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерката за екологија Каја Шукова, пратеници од регионот, градоначалници, членови на совети и на МПЦ. Министерката Тренчевска соопшти дека Владата ќе ја преиспита одлуката за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука, дека ќе побара дополнителни информации од надлежното Министерство за економија и дека нема да издаде дозвола за отворање рудник без согласност на локалното население.
На денешниот протестен собир во Струмица реагираа од компанијата-концесионер „Еуромакс рисорсес“, во кое меѓу другото истакнуваат дека ги охрабруваат сите граѓани, во духот на партиципативната демократија, засилената улога на „граѓанинот“ и организираните форми на граѓанско здружување по прашања за заштита на животната средина-втемелени во Архуската Конвенција, преку дијалог да се информираат за сите процеси кои на било кој начин предизвикуваат вознемиреност во јавноста.
„Само со конструктивен дијалог и стручно презентирање на фактите сите загрижености ќе бидат соодветно адресирани. Во таа насока е и нашата безрезервна подготвеност да се формира „Независно Мониторинг Тело“ во кое ќе бидат вклучени заинтересираните граѓански здруженија, локалната управа и експертите за да го следат процесот на реализација и работење на идниот рудник“, се вели во реакцијата на компанијата.