Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ги зголеми трошоците за задолжување до максимум четири отсто до септември, покажува истражувањето на економистите, кои очекуваат каматните стапките да растат бидејќи инфлацијата е „поупорна“ од очекувањата. Ова е една од вестите што треба да ги знаете ова утро.
ЕЦБ до септември ќе ги зголеми каматните стапки на 4 отсто
Се очекуваат уште две зголемувања за 50 базични поени или 0,5 отсто. Има консензус дека првото зголемување на каматните стапки ќе биде на 27 јули, за кога е закажан и состанок на Европската централна банка (ЕЦБ). Аналитичарите анкетирани од „Блумберг“ претходно предвидуваа дека каматната стапка ќе достигне врв од 3,75 отсто.
Прогнозата за инфлацијата е причина за промена на мислењето на економистите. Иако во сите земји-членки на Европската Унија се очекува растот на цените да се намали во наредните месеци, тоа нема да се случи толку брзо како што се очекуваше.
Русија не го продолжи договорот за извоз на жито
Договорот за извоз на жито од Украина заврши по речиси една година, откако Русија ја раскина спогодбата, зголемувајќи ги неизвесноста околу глобалните резерви на храна и тензиите во регионот.
Москва постојано се закануваше дека ќе го напушти договорот, но последен пат се согласи на двомесечно продолжување во мај, кое траеше до 17 јули. Затворањето на коридорот ќе ги погоди клучните купувачи како Кина, Шпанија и Египет.
„Аранжманите престанаа да важат денеска“, рече портпаролот на Кремљ, а пренесе руската новинска агенција „Тасс“. „За жал, делот што ја засега Русија во овој црноморски договор досега не беше исполнет, затоа тој е прекинат“.
Криптокриминалците лани украле 13 милијарди долари
Повеќе од 13 милијарди долари се изгубени поради злоупотреба на децентрализирани финансии (DeFi) во 2022 година, објави водечката корпорација за блокчејн-аналитика и спречување криптокриминал ТРМ (TRM Labs) во својот детален извештај насловен „Нелегален криптоекосистем“, поврзан со незаконски активности и криптокриминал во 2022 година.
Од ова, 7,8 милијарди се изгубени преку различни пирамидални и понзи-шеми, дополнителни 1,5 милијарда се изгубени преку дарк веб, а преостанатите 3,7 милијарди се изгубени поради криптохакерски напади.
Во 2022 година се украдени 3,7 милијарди долари повеќе од претходната година во повеќе од 175 различни инциденти, од кои секој резултирал со просечна загуба на инвеститорите од 20 милиони долари.
„Халк банка“ го зголеми капиталот за 30 милиони евра
„Халк банка“ ќе се докапитализира со нова, дваесетта, емисија на акции, во вкупна вредност од 30 милиони евра. Комисијата за хартии од вредност донесе решение со кое на „Халк банка“ АД Скопје ѝ даде одобрение за издавање на овие долгорочни хартии од вредност.
Со дваесеттата емисија на акции, банката ќе издаде 184.500 обични акции со номинална и продажна вредност од 10.000 денари по акција, со вкупен износ на емисијата од 1.845.000.000 денари (30 милиони евра).
„Зголемувањето на основната главнина со нови парични влогови се врши за познат купувач – институционалниот инвеститор ’Халк банка А.Ш. Турција’, со седиште во Истанбул, Турција. Банката издава нови акции заради зголемување на капиталот и обезбедување оптимална адекватност на капиталот во наредниот период“, се наведува во објавата на Комисијата за хартии од вредност.
Кои се најголемите акционери во македонските блу-чип компании?
Шаренолика е сликата во акционерската структура на компаниите што го сочинуваат македонскиот берзански индекс МБИ10, а кои важат за најсилни друштва на берзата.
Нашата анализа на податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност (ЦДХВ) покажа дека главна карактеристика е што на прсти можат да се избројат физичките лица што се јавуваат како поголеми акционери, а уште поретки се менаџерите што се јавуваат како акционери што поседуваат над пет проценти од акциите на компаниите со кои управуваат.
Меѓу нив се Живко Мукаетов, Зоран Милковски, Андреја Јосифовски, Доне Таневски...