Високите температури ја зголемија потрошувачката на електрична енергија во земјава. Од „ЕВН хоум“ информираа дека, поради високите температури, во текот на 17 јули е регистрирана најголема потрошувачка на електрична енергија, која изнесувала 16.015 мегават-часа (MWh). Од 17 јуни до 17 јули се потрошени 405.028 мегават-часа. Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот.
2023-та може да биде историски најтопла година
По најтоплиот јуни од почетокот на евиденцијата во 1850 година, нова анализa покажува дека постојат 81 отсто шанси оваа година да биде најжешка досега. Високите температури што беа забележани во јуни продолжија и во јули. Топлотни бранови се забележуваат низ САД, поголемиот дел од Европа и делови од Азија.
Од друга страна, феноменот Ел Нињо се засилува во Тихи Океан и водите на Атлантикот во близината на Флорида, каде што температурите на водата достигнаа неверојатни 32,2 Целзиусови степена. Тоа би можело да значи дека 2023 година оди кон патеката да стане најтопла година од почетокот на водењето евиденции во 1800-тите.
Македонците се смируваат со дијазепам
Најкористен лек во 2022 година во Македонија, како и во претходните години, е лекот еналаприл, кој се применува во третман на хипертензија, со приближно 1,83 милиони реализирани рецепти. Овој лек учествува со 7,3 проценти во вкупно реализираните рецепти минатата година.
Според статистиката на Фондот за здравствено осигурување, на второто место на листата најкористени лекови е метформин, кој се користи за третман на дијабетес и за кој лани биле издадени околу 1,8 милиони рецепти. На третото место е лекот дијазепам, за кој лани биле издадени безмалку 1,4 милиони рецепти.
Кина е најголем пазар за електрични возила во светот
Во трката за намалување на емисиите на јаглерод, земјите низ светот даваат стимулации за да ја поттикнат продажбата на електрични возила - тактика што Кина ја користеше со години додека прерасна во најголем пазар за електрични возила на планетата.
Успехот на Пекинг е неверојатен. Минатата година електричните возила сочинуваа четвртина од сите продадени патнички автомобили во Кина, што е многу повеќе од приближно еден од седум продадени автомобили во САД и еден од осум во Европа. И темпото се забрзува. ХСБЦ (HSBC) очекува стапката на електрични возила во втората по големина економија во светот да достигне 90 отсто до 2030 година.
Виско од ЕЦБ: Инфлацијата ќе падне побрзо одошто мислиме
Членот на Извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), Игнацио Виско, вели дека инфлацијата може да се намали побрзо отколку што оваа монетарна институција предвиде минатиот месец, бидејќи падот на трошоците за енергија продолжува да влијае на другите цени.
„ЕЦБ предвидува дека до крајот на 2025 година инфлацијата ќе биде два отсто - мојот впечаток е дека тоа може да се случи уште побрзо“, изјави за „Блумберг“ централниот банкар на Италија.
Вештачката интелигенција го менува инвестирањето
Општо земено, постојат два главни вида на вештачка интелигенција што се користат во финансиите. Првиот е генеративната вештачка интелигенција - технологијата што ги поткрепува четботовите, како што се ЧетГПТ и Бард на „Гугл“. Вториот е предвидувачката вештачка интелигенција, важна алатка во квантитативното тргување, каде што аналитика обучена за математички операции пребарува низ големи количества финансиски податоци за модели и трендови за да најде нови стратегии за тргување.
Некои академски студии покажаа дека ЧетГПТ може да се користи за дешифрирање на пазарните импликации во соопштенијата и говорите на ФЕД и корпоративните вести на начини што се морничаво блиску до она што може да го постигне и врвен човечки експерт. Различни трговци користат вештачка интелигенција на различни начини, но факт е дека технологијата игра сè поголема улога на Волстрит.