Бизнисменот Јордан (Орце) Камчев од денеска има забрана за влез во Соединетите Американски Држави (САД), откако Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД, ОФАК (OFAC), го означи по основа на извршната наредба ЕО 14033 (анг. executive orders 14033), која се однесува на блокирање на имотот и суспендирање на влезот во САД на лица што „придонесуваат за дестабилизирање на Западен Балкан“.
Од американското министерство за финансии соопштија дека „денешното одредување на ова лице на оваа позиција ја нагласува континуираната посветеност на Соединетите Американски Држави да промовираат одговорност за поединци и субјекти што ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување.
„Камчев ја злоупотребил својата позиција ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи агенда во лична корист, а на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“, рече потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон. „Остануваме посветени на повикување на одговорност на сторителите на корупција“.
Прочитај повеќе
САД ќе санкционираат и кинески компании поврзани со шпионскиот балон
САД се подготвени да додадат и кинески компании на црната листа за извоз.
11.02.2023
На црната листа на САД се 13 лица од Македонија, како е во регионот?
САД со децении користат санкции за различни цели. На листата со санкции се и граѓани односни компании од регионот Адрија.
26.11.2022
Транспаренси Интернешнл: Македонија на 85 место според индексот на корупција
Во однос на лани земјата напредувала за една позиција.
31.01.2023
Во соопштението се наведува дека бизнисменот Јордан (Орце) Камчев интензивно се занимава со корупција, вклучувајќи злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци, и тоа повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 2000-ти. Во 2022 година, Камчев беше осуден во судскиот процес „Парцели на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште. Во одвоено судење, Камчев се изјасни за виновен за злоупотреба на службената положба во случајот „Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела, сите поврзани со неговите бизниси.
„Дополнително, Камчев ги искористи своето коруптивно влијание и своето богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист. Во 2020 година тој ја обвини главната обвинителка на Специјалното обвинителство (СЈО) дека примила поткуп и сведочеше дека платил пари во замена за поволни услови за негово апсење и добар исход на случајот. Камчев подоцна поведе граѓанска постапка против неа, тврдејќи дека обвинителите го изнудувале. Судот во Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета“, се истакнува во објавата.
Таму се наведува и дека по скандалот, СЈО пропадна. Како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво што СЈО ги разгледувало останале нерешени, одложувајќи ја одговорноста за многу поединци што се занимавале со корупција слично на Камчев.
Сега, откако Камчев е ставен на „црната листа“ на САД, целиот негов имот во САД или во сопственост или контрола на лица од САД е блокиран и мора да се пријави во ОФАК. Дополнително, блокирани се и сите субјекти што се поврзани.