Топлотните бранови носат екстремни временски услови низ Европа, од шумски пожари во Грција до невреме со град во Италија и обилни врнежи на Балканот. Грчката крајбрежна стража прави напори за евакуација на туристите и локалното население од плажите во областите Киотари и Лардос во источниот дел на островот Родос, откако шумски пожар избувна во саботата на повисоките места во регионот.
Град во Италија
И други делови на Европа се справуваат со последиците од чудните бури. Област во северна Италија беше зафатена од град со големина на тениско топче, откако земјата доживеа екстремно високи жештини, кои ги соборија температурните рекорди во Рим. Лука Заја, претседател на регионот Венето, кој е дом на Венеција, во четвртокот објави видео на Твитер на кое се гледа пустошот од градот, за кој рече дека има дијаметар дури од 10 сантиметри.
Балкански бури
Невремето исто така предизвика хаос и во делови од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Србија, каде што три лица загинаа во текот на ноќта во одделни инциденти. Жена загина во пожар предизвикан од гром, 12-годишно момче загина од паѓање на дрво, а маж го удрил струен удар кога се обидел да ги отстрани далноводите искинати од екстремниот ветер. Претходно оваа недела шест лица загинаа во слично невреме и екстремни временски услови во Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Обилните врнежи, налетите на ветерот и молњите ги оштетија електроенергетските системи, уништија десетици автомобили и однесоа покриви од неколку згради во регионот.