Грчкиот национален авиопревозник „Ејџиан“ (Aegean) ќе воведе нова авиолинија од меѓународниот аеродром во Скопје до меѓународниот аеродром во Сараево, од 2 октомври годинава, најавуваат од аеродромот ТАВ.
На релацијата Скопје - Сараево, „Ејџиан“ ќе сообраќа со воздухоплов „ATR72-600“, со три лета неделно, односно секој понеделник, среда и петок.
„Возбудени сме што можеме да објавиме и да им честитаме на 'Ејџиан' за одлуката да воведат лет од Скопје до Сараево од октомври оваа година и да овозможат одлична регионална поврзаност, од Атина на југ, преку Скопје, до Сараево на северот на Балканот. Оваа авиоконекција во исто време претставува и значајно достигнување во нашата посветеност како аеродромски оператор за подобрување на опциите за авионски патувања за нашите ценети патници“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
До крајот на летниот ред на летање за 2023 година, или до крајот на октомври, времето на поаѓање од скопскиот аеродром ќе биде во 19 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Сараево во 20.10 часот, додека времето на поаѓање од аеродромот во Сараево ќе биде во 20.50 часот, со време на пристигнување на скопскиот аеродром во 21.50 часот. Во текот на зимската сезона 2023/2024, времињата на пристигнување и заминување ќе бидат слични.
Резервацијата на авионски билети е достапна на веб-страницата на „Ејџиан“ и преку туристичките агенции.
Прочитајте повеќе: Се најавуваат нови линии од македонските аеродроми
За периодот јануари - јуни 2023 година, двата македонски аеродрома, меѓународниот аеродром во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид опслужиле вкупно 1,3 милион патници, што е годишен пораст од 41 процент во однос на 2022 година, додека во однос на 2019 година, референтна година во однос на патничкиот сообраќај пред ковид-кризата, зголемувањето е за 15 проценти. Во однос на бројот на летови за истиот период имало вкупно 10.299 лета на двата аеродрома, што претставува годишен пораст од 23 проценти.