Алекс Суџунг-Ким Панг, програмски директор на „4 деј вик глобал“ (4 Day Week Global), вели дека веќе има мноштво фирми што експериментираат со пократки работни распореди. Според него, не се прави доволно за да се открие што функционира, а што не.
„Имаме уште да учиме пред да може концептот за четиридневна работна недела да го пресликаме на цели економии. Мислам дека во следните неколку години ќе видиме некои експерименти на државно ниво во САД, на пример“, нагласува тој во интервју за „Блумберг“. Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот.
Доаѓа време на банкроти, а има кандидати и во Македонија
Според истражувањето на „Алијанц трејд“ (Allianz Trade), се очекува во 2023 година да има раст на бројот на банкротирани компании на глобално ниво за 21 процент. Како главни причини за ваквите прогнози се наведуваат забавувањето на економскиот раст и заострувањето на кредитните услови.
И во Македонија уште од минатата година има континуирано затегнување на монетарната политика, а компаниите продолжија да се задолжуваат.
Податоците на Народната банка откриваат дека во првиот квартал од 2023 година се забележува забрзување на растот на редовните пролонгирани кредити. Така, вкупните пролонгирани кредити пораснаа за 9,5 проценти, што е поголем раст во споредба со крајот на 2022 година (3,9 проценти).
Европските банки минаа добро на стрес-тестот за голем економски пад
Повеќето европски банки завршија со подобар резултат од претходно на стрес-тестот за тоа како би издржале посилен економски пад, што отвора можност за помирни исплати на дивиденди и откуп на акции.
Тестот опфати 70 банки во еврозоната и покажа дека во замислено сценарио на влошување на економската состојба, стапката на основниот капитал паднала за 4,59 процентни поени на 10,4 отсто, објави Европската банкарска управа (ЕБА). Ова е помал пад од она што беше покажано на сличен тест пред две години, кога беше пресметано дека ќе изнесува 4,85 процентни поени.
„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава
Економскиот раст во земјава на среден рок ќе се стабилизира, значаен импулс ќе дадат приватната потрошувачка и инвестициите, вклучувајќи ги и капиталните инвестиции. Дополнително влијание врз економските перспективи ќе има и напредокот во ЕУ-интеграцијата, која ќе придонесе и за зајакнување на структурните и институционалните капацитети, е забележано во најновиот извештај на агенцијата „Стандард и Пурс“ (Standard & Poor's), која го потврди кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед.
Кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед, како што посочува Министерството за финансии, земјава го има во континуитет од 2013 година и е задржан и покрај здравствено-економската криза и ценовната и енергетската криза.
Жените позагрозени од мажите од воведувањето вештачка интелигенција
Жените имаат повеќе причини за загриженост во однос на мажите кога станува збор за претстојниот бран на автоматизација и вештачка интелигенција (ВИ), кои би можеле да заменат речиси една третина од работните часови во американската економија.
Ова е еден од заклучоците од новиот извештај на истражувачкиот оддел на консултантската компанија „Мекинзи“ (McKinsey & Co.), која ги испитува трендовите на пазарот на трудот во САД до крајот на 2030 година.
Пресметано е дека во тој период за жените има 1,5 пати поголема веројатност дека ќе мора да ја променат својата професија отколку мажите. Причината: тие се премногу застапени во индустриите со работни места со пониски плати, за кои во извештајот се вели дека најмногу ќе бидат погодени од автоматизацијата, вклучувајќи ги и канцелариската и корисничката поддршка.
Ворен Бафет и натаму верува во фосилните горива
Инвестициите на Ворен Бафет од повеќе милијарди долари во нафта и гас од почетокот на пандемијата се исплатеа кога секторот забележа рекорден профит во 2022 година. Но, наместо да ги распродаде за огромни профити оваа година, „пророкот од Омаха“ сака повеќе.
„Беркшир Хатавеј“ (Berkshire Hathaway Inc.) го користи годинешниот пад на цените на суровините за да ги поттикне некои од омилените инвестиции на Бафет во нафта и гас, покажувајќи дека најпознатиот инвеститор во историјата гледа можност во секторот што долго време е во немилост поради неговата нестабилност и влијание врз климата.