Ефектот на монетарните затегнувања конечно посилно се рефлектира кај стапките на инфлацијата, а трендот на раст на каматите ќе потрае. Прочитајте кои пет вести ги одбравме за почеток на вашиот ден.
Зачестија задолжувањата на државата, најскапи се од 2012 година
Министерството за финансии во име на државата денеска ќе одржи две аукции на кои ќе запише хартии во вредност во висина од 2,4 милијарди денари или околу 39 милиони евра.
Едната аукција е за државни записи со рок на достасување од 12 месеци. По оваа основа задолжувањето ќе изнесува две милијарди денари (32,5 милиони евра). На оваа сума за една година каматата ќе изнесува 4,25 отсто. Другата аукција на износ од 400 милиони денари (6,5 милиони евра) е за 15-годишни државни обврзници. За нив каматата изнесува 6,15 отсто.
Како што расте бројот на аукции на државни хартии од вредност и сумите што се побаруваат на нив така расте и дефицитот во буџетот.
Буџетскиот дефицит двојно поголем од лани
Дефицитот во македонскиот буџет во првата половина од годината изнесува 383,3 милиони евра. Лани во истиот период дупката во буџетот била двојно помала и изнесувала 167,5 милиони евра, покажуваат податоците од Министерството за финансии.
Во периодот од јануари до јуни во буџетот биле собрани вкупно 131,3 милијарди денари (2,135 милијарди евра), што е повеќе во однос на првата половина од 2022 година, кога во буџетот се слеале 116,4 милијарди денари.
Вкупните расходи се зголемиле на 154,8 милијарди денари споредено со ланските 126,8 милијарди денари.
Еуриборот стигнува до четири отсто, каде е врвот на нашите камати?
Нов раст на Еуриборот односно на каматата по која банките во еврозоната си позајмуваат пари следува по одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ), која минатата недела повторно ги зголеми основните камати.
Одлуката од четвртокот за која претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, вчера потврди дека можеби нема да е последна годинава ги оправдува очекувањата на аналитичарите дека на растот на каматите не му е дојден крајот.
Кое ниво ќе го достигне Еуриборот до крајот на годината? Ги анализиравме движењата во последниот период , но и дали набрзо ќе биде достигнат врвот. Оваа каматна стапка е значајна и за каматите во Македонија, особено за кредитите што имаат променливи каматни стапки. Најчесто тие се поврзуваат со шестмесечниот Еурибор.
Инфлацијата во еврозоната падна на 5,3 проценти, БДП со раст
Економијата на еврозоната порасна во вториот квартал, додека инфлациските притисоци опстојуваат - поддржувајќи ги првите аргументи за Европската централна банка (ЕЦБ) повторно да ги зголеми каматните стапки.
Во посебно соопштение „Евростат“ објави дека потрошувачките цени во јули се зголемиле за 5,3 отсто во однос на истиот месец лани, како што се очекуваше. Но за базичната инфлација, која ги исклучува нестабилните трошоци на храната и енергијата, процените се надминати, па стапката се задржа на нивото од 5,5 проценти.
Македонија е атрактивна за инвестиции во зелена енергија
Mакедонија станува атрактивна дестинација за странски инвестиции, особено во областа на дигитализацијата и обновливите извори на енергија, објави американскиот Стејт департмент, пренесе „Блумберг“.
Според извештајот за инвестициската клима за 2023 година, стратегиската локација на земјата и подготвеноста за соработка со странските инвеститори отвораат убави можности. Сепак, справувањето со корупцијата и создавањето предвидлива регулаторна рамка ќе бидат важни за овие предности да можат целосно да се искористат.
Амбасадата на САД во Скопје ги идентификува дигитализацијата и обновливите извори на енергија како најатрактивни за американските инвеститори, особено поради заложбата на Владата за развој на овие две индустрии.