Канадскиот премиер Џастин Трудо и неговата сопруга Софи се разделуваат по 18 години брак. Ова е крај на едно високопрофилно партнерство кога станува збор за лидер од оваа земја, коментира „Блумберг“.
Софи Грегоар Трудо (48), поранешна телевизиска репортерка, која таа работа ја извршуваше во родната провинција Квебек, беше заедно со Трудо (51) во кампањите на три изборни процеси, залагајќи се за правата на жените и за менталното здравје.
Двојката објави дека се разделува во средата, истовремено, во одвоени идентични изјави. Тие соопштија дека планираат да продолжат да поминуваат време заедно со своите деца, вклучувајќи го и семејниот одмор следната недела.
„По многу значајни и тешки разговори, донесовме одлука да се разделиме“, соопшти Софи Грегоар во изјава на Инстаграм.
„Како и секогаш, остануваме блиско семејство со длабока љубов и почит еден кон друг и кон она што сме го изградиле и ќе продолжиме да го градиме“.
Двојката има три деца: Ксавиер (15), Ела Грејс (14) и Хадриен (9).
Во земјата каде што личните животи на политичарите обично се оставаат настрана, во мир, семејството Трудо привлече ретко ниво на внимание и дома и на меѓународно ниво. Списанието „Вог“ објави неверојатна приказна за двојката веднаш откако Трудо за првпат беше избран на функцијата во 2015 година.
Неговата глобална слава сепак е ехо на неговиот татко Пјер, кој беше премиер во 1970-тите и раните 1980-ти, и чија сопруга Маргарет се забавуваше со „Ролинг стоунс“ и други ѕвезди на патувањата во Њујорк.
Во средата попладне, кабинетот на Трудо објави соопштение во кое се вели дека двојката потпишал законска спогодба за разделба, но дека сепак ќе одат заедно на одмор, почнувајќи од следната недела.
„Тие остануваат блиско семејство, а Софи и премиерот се фокусирани на воспитувањето на нивните деца во безбедно опкружување, со љубов и соработка. Двајцата родители постојано ќе бидат присутни во животот на нивните деца и Канаѓаните може да очекуваат често да го гледаат семејството заедно“, велат од канцеларијата на Трудо.