Ендрју Тејт, инфлуенсерот што во Романија е обвинет за силување, трговија со луѓе и формирање криминална банда за сексуална експлоатација на жени, во петокот ја доби жалбата врз основа на која е ослободен од домашен притвор, соопшти неговата портпаролка.
Тејт нема да може да ја напушти земјата. Нему исто така нема да му биде дозволено да биде „во непосредна близина со кој било од другите обвинети, кој било од сведоците или која било од наводните жртви и нивното потесно семејство“, посочува портпаролката Матеа Петреску во изјавата.
„Овој позитивен исход ни дава доверба дека на хоризонтот се поповолни случувања“, рече Петреску.
Одлуката на Апелацискиот суд во Букурешт доаѓа откако обвинителите официјално го обвинија 36-годишниот Тејт во јуни, заедно со неговиот брат Тристан и две Романки во истиот случај. Сите четворица беа уапсени кон крајот на декември во близината на Букурешт и ги отфрлија обвинувањата против нив.
Во одлуката на судот се вели дека сите четворица обвинети ќе бидат подложени на географски рестрикции што ги ограничуваат на територијата на општината Букурешт и блиската област Илфов, освен ако не добијат претходно одобрение од судија.
Прочитајте повеќе: Ендрју Тејт обвинет за силување и трговија со луѓе
Стоејќи пред својот голем дом во близината на Букурешт во петокот, Ендрју Тејт за медиумите изјави: „Ние сме целосно невини од почетокот на сето ова“.
„Во јануари, кога ме фрлија во затворска ќелија, медиумите објавија и му кажаа на светот дека сум ужасна личност, тие пишуваа дека повредувам луѓе и дека заработувам многу пари од криминални организации“, посочи тој, додавајќи: „и тука стоиме седум или осум месеци подоцна, a не сум видел ниту една жртва на вестите“.
„Видов многу луѓе што застанаа зад мене, многу луѓе што ме бранат, a не видов ниту една личност да стане и да каже дека сум ја повредил“, додаде тој.
Доколку обвинетите ги прекршат условите на нивните судски обврски, се наведува во судскиот допис, може да бидат вратени во домашен или превентивен притвор.
Браќата Тејт, кои имаат двојно државјанство на Велика Британија и на САД, ја оспорија одлуката на судот од 18 јули да ги држи во домашен притвор додека трае кривичната постапка против нив. Браќата ја добија жалбата на крајот на март да бидат преместени во домашен притвор откако поминаа три месеци во полициски притвор.
Романската агенција за борба против организираниот криминал, DIICOT, во јуни побара судиите да ја продолжат мерката куќен притвор откако агенцијата ја официјализира својата кривична истрага.
Ендрју Тејт, кој беше обвинет за ширење теории на заговор на интернет и има собрано 7,5 милиони следбеници на Твитер, постојано тврдеше дека обвинителите немаат докази против него и дека постои политички заговор креиран за да го замолчи.
DIICOT тврди дека четворицата обвинети формирале криминална група во 2021 година за да „извршат кривично дело трговија со луѓе“ во Романија, како и во САД и Британија.
Седум женски жртви во случајот, посочи DIICOT, биле намамени со лажни изјави на љубов и транспортирани во Романија, каде што бандата сексуално ги експлоатирала и ги изложувала на физичко насилство. Еден обвинет се товари дека двапати силувал жена во март 2022 година, според агенцијата. Жените, наводно, биле контролирани со „заплашување, постојан надзор“ и тврдења дека биле во долгови, посочија обвинителите.
Ендрју Тејт претходно беше забранет на неколку познати платформи за социјално вмрежување поради изразување говор на омраза и мизогиниски коментари, вклучувајќи и дека жените треба да преземат одговорност при сексуален напад.
Неколку жени во Британија исто така бараат отштета од Тејт, тврдејќи дека биле жртви на сексуално насилство.
За време на нивните истраги, обвинителите наредија конфискација на имотот на браќата Тејт, вклучувајќи 15 луксузни автомобили, луксузни часовници и околу три милиони долари во криптовалути.