Пожари во Грција, поплави во Словенија, земјотреси во Турција. Природните непогоди бришат милијарди евра, а осигурувањето имот во Европа е ниско. Следната недела ќе анализираме каква е состојбата во Македонија кога станува збор за осигурувањето имот. Дали продолжува практиката да се осигуруваат само недвижностите што се под хипотека (затоа што банките задолжително го бараат тоа) или граѓаните стануваат посвесни и доброволно се одлучуваат на таков чекор?
Откако италијанската влада воведе данок на екстра-профит за банките, аналитичарите на „Блумберг Адрија“ анализираат дали европските банки би останале профитабилни ако треба да плаќаат нови даноци. Нашиот аналитички тим ќе ги разгледа и предизвиците со кои се соочува текстилниот сектор во регионот Адрија.
Неделава гасот поскапе за 40 отсто, а се предвидува и поскапа струја во наредните, постудени месеци. Како ќе се движат цените на енергентите што ја предизвикаа најголемата инфлација во последните 40 години во Европа е тема со која исто така ќе се занимаваме следната недела.
Трендот на зголемување на цените на храната продолжува, покажуваат податоците на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО). Ние ќе анализираме дали животот ќе ни стане погорчлив, односно како ќе се движат цените на шеќерот, какаото...
„Од понеделник сум на боледување“ е уште еден нов феномен на македонскиот пазар на трудот, кој е силно погоден од недостигот од работници. Има ли боледувања без болест? Кој го контролира тоа? Кој губи повеќе од злоупотребите на боледувањата – работодавците или државата – ќе анализираме во текот на идната недела.