За повеќето работници низ светот, одморите се време строго наменето за релаксација. Последното нешто што тие го сакаат додека одмораат на плажа или планинарaт по ридовите е здодевен деловен повик од колега.
Но, за жал, ваквите повици и итни барања поврзани со работата не се толку ретки и на крајот го уништуваат долго планираниот одмор. Една индиска компанија има решение за тоа.
„Вработените во ’Дрим 11’“ (Dream11), со седиште во Мумбај, која води платформа за фантастични спортови, ќе мора да платат казна од 100.000 рупии (околу 1.200 американски долари) ако контактираат со колега што е на одмор“, изјави коосновачот Бавит Шет во интервју за „Си-ен-би-си“ (CNBC). Компанијата, основана во 2008 година, им наметнува на работниците да земаат најмалку една недела одмор годишно.
„Еднаш годишно, една недела, си исфрлен од системот“, изјави Шет за каналот. „Немате 'слак', е-пошта и повици. Затоа што многу помага кога имате една недела само за вас и му помага на бизнисот за да знаеме колку сме зависни од некого“.
Досега, системот се покажал ефикасен, според 36-годишниот Шет.
„'Дрим 11' верува дека ова непрекинато време им овозможува на вработените да се релаксираат, да ги наполнат батериите и да се вратат на работа подготвени да го дадат својот максимум“, се наведува во соопштението на компанијата.
Казната е привлечен начин да им се дозволи на работниците да уживаат во квалитетна пауза. Во обид да се задржат талентите, многу други компании, вклучувајќи ја и „Голдман сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.), му дозволуваат на персоналот да зема неограничени одмори. Но една британска фирма за регрутирање минатата година соопшти дека ќе ја укине таа политика откако поволноста ги натера вработените да се чувствуваат виновно и да се запрашаат колку денови навистина треба да искористат.