Над 30.000 идни пензионери имаат заштедено над 53 милиони евра во приватните доброволни пензиски фондови. Анализираме колку им се оплодиле овие пари во изминатиот период и како инфлацијата влијаеше на работата на фондовите. Денеска ќе анализираме и дали постои ризик за банкарскиот сектор доколку владите го пресликаат италјанскиот пример за дополнително оданочување на банките. Ги пренесуваме и плановите за идниот период на една од најголемите банки во регионот Адрија, НЛБ.
Ги издвојуваме петте вести што треба да ги знаете на почеток на денот.
Доброволни пензионери се околу 30.000, имаат 53 милиони евра
Четирите доброволни пензиски друштва, колку што има во земјава, за своите 30 илјади члена управуваат со над 53,3 милиони евра. Овие пари се пензиски заштеди што треба да ги инвестираат за да ги оплодат, а според последната статистика од крајот на јуни средствата за една година се зголемиле само минимално, односно за еден милион евра.
Во јуни годинава, според податоците од кварталниот извештај на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, МАПАС, просечниот принос е зголемен за 5,06 отсто, но реално приносите се намалени за 3,87 отсто, што се должи на високата инфлација во текот на релевантниот период.
Банките ќе останат профитабилни и покрај новите даноци
Италијанската најава за воведување нов данок на дополнителната добивка на банките на краток рок ги бранува акциите на банкарскиот сектор, но банките и понатаму ќе остваруваат високи стапки на профит. Михаел Блажековиќ, аналитичар на пазари во „Блумберг Адрија“, анализира колку се капитализирани самите банки и дали ќе почувствуваат пад на приходите по најавените нови даноци.
Охрабрени од растот на референтните каматни стапки на Европската централна банка (ЕЦБ), европските банки имаат моќна алатка да ги пласираат своите средства без ризик со нето-профитна маржа повисока отколку што беа навикнати кога трошоците за пласирање пари кај ЕЦБ беа дури и негативни. Исто така растот на каматните стапки на депозитите не следува по растот на каматните стапки по кои комерцијалните банки ги инвестираат истите овие средства. Дополнително, континуираното изобилство на ликвидност во системот им овозможува на банките да не ги зголемуваат значително каматните стапки на депозитите од граѓаните и компаниите.
Блаж Бродњак, НЛБ: Ако нема аквизиции, дивидендата ќе биде поголема
„Групацијата НЛБ првата половина од годината ја завршува на стабилна и финансиски силна позиција“, истакна повеќепати првиот човек на банката Блаж Бродњак на средбата со инвеститорите откако банката ги претстави своите полугодишни деловни резултати. По минатогодишниот рекорден бизнис, групацијата НЛБ во првата половина од годината го одржа растот на добивката. Во вториот квартал оствари добивка по оданочување од 122,6 милиони евра, што е зголемување за два отсто во однос на првиот квартал.
„Приоритет е потрагата по потенцијални можности за преземање“, истакна Бродњак. Ако не најдат во наредната година и половина, ќе ја зголемат исплатата на дивидендите во согласност со договорот со акционерите. „Долгорочно, преземањето носи поголем принос од исплатата на дивиденди“, предупреди тој. Акционерите се интересираа и како влијаеле поплавите и дали ќе влијаат врз работењето на банката и нејзините клиенти.
САД вложуваат во технологија што го извлекува јаглеродот од воздухот
Администрацијата на Бајден ја поддржува технологијата што го извлекува јаглерод диоксидот, гас што ја загрева планетата, од воздухот и ги избра првите победници преку фондот од 3,5 милијарди долари посветен на развојот на машините потребни за да се запрат најлошите ефекти од климатските промени.
Технологијата е „во суштина џиновска правосмукалка, која може да го извлече децениското загадување од јаглерод диоксид директно од воздухот“, им рече на новинарите министерката за енергетика Џенифер Гранхолм. „Ако го примениме ова во голем обем, оваа технологија може сериозно да ни помогне да напредуваме кон нашите цели за нето нула емисии“.
Саудиска Арабија и Холандија ќе одгледуваат храна во пустина
Саудиска Арабија ги здружува силите со холандска компанија за производство на оранжерии за да создаде „синтетичка клима“ што ќе овозможи пустината да се раззелени.
Саудиска Арабија издвојува површина приближно со големина од 15 фудбалски игралишта за да создаде хортикултурна оаза на работ на Неом, нов град што се гради на брегот на Црвено Море и се протега во пустината. Тоа е најголемата инвестиција во областа на прехранбената технологија за земја што долго време увезува најголем дел од храната поради сувата клима и екстремните летни температури.