Растат платите и депозитите. Во јуни платите, според државната статистика, пораснале за 14,6 отсто. Според Народна банка, пак, депозитите заклучно со јули бележат раст од над 11 отсто. Раст се очекува и на цените на дизелот во пресрет на зимата, кога побарувачката ќе биде поголема.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на овој ден.
ББА-анализа: Ќе има разводи и нови врски кај телеком-операторите
Во 2022 година телекомуникациските оператори од регионот што се предмет на оваа анализа остварија вкупни продажби од 3,3 милијарди евра, што е раст од 4,9 проценти на годишно ниво. Карактеристично е дека продажбата забрзано расте со текот на годините. Профитните маржи се намалени во однос на 2021 година, инвестициите останаа силни, а задолженоста ниска.
„Во 2022 година, растот на продажбата беше предводен од мобилната телефонија, особено преку постпејд-пакетите со поголема употреба на интернет“, се наведува во анализата. Генералниот тренд е дека бројот на претплатници на фиксна телефонија е во опаѓање, но тој пад се компензира со зголемување на бројот на корисници на мобилна телефонија и на интернет.
Водата станува ограничен ресурс за компаниите
Глобалната побарувачка за вода се очекува да се зголеми за 55 отсто до 2050 година, главно поради растечките барања од производството, но и поради климатските промени и начинот на кој луѓето ја користат водата. Денес земјоделството е убедливо најголем потрошувач на вода во светот, а по него следува индустриското производство. Имено, од вкупната употреба, 72 отсто отпаѓа на земјоделството, додека 12 отсто на индустријата.
Во земјава, според националниот план за климатски промени, се очекува 18 отсто од водните ресурси да се намалат до 2100 година. За инвеститорите, нема простор за страв ако навремено се преземат мерки за зачувување на овој значаен ресурс.
Раст на депозитите, пад на кредитите во јули
Народната банка соопшти дека во јули вкупните депозити се зголемени за 0,5 проценти на месечна основа, поради растот на депозитите кај двата сектора, кој е поизразен кај корпоративниот сектор.
„Годишниот раст на вкупните депозити од 11,1 проценти се објаснува со зголемувањето на депозитите на двата сектора, со малку поизразен придонес на секторот домаќинства“, информираат од Народната банка.
Оттаму додаваат дека во јули вкупните кредити забележаа месечно намалување од 0,2 процента, кое во целост произлегува од намаленото кредитирање на корпоративниот сектор.
Просечната плата во јуни за 14,6 oтсто повисока од лани
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни годинава изнесува 36.527 денари и во однос на јуни лани е зголемена за 14,6 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Зголемувањето се должи пред сѐ на растот на просечната месечна исплатена нето-плата во секторите: градежништво (19,6 проценти), информации и комуникации (17,9 проценти) и образование (17,5 проценти).
Скапиот дизел е предупредување пред зголемената зимска побарувачка
Во кое било друго време во историјата, сегашната состојба на глобалниот пазар на дизел би довела некои земји во паника. Низ светот цените на ова гориво се екстремно високи во однос на суровата нафта од која се произведува, што укажува на недостиг што треба да ги растревожи властите опседнати со инфлација. А за само неколку месеци северната хемисфера ќе влезе во зима, што ќе ја зголеми побарувачката за греење.
„Треба да започнеме со складирање резерви сега, бидејќи тие обично почнуваат да се намалуваат сезонски од септември“, вели Јуџин Линдел, шеф на рафинирани производи во индустриската консултантска фирма ФГЕ (FGE). „Постои загриженост дека резервите нема доволно да се зголемат пред октомври, а тогаш ќе почнеме да гледаме повлекувања од она што се заканува да биде ниска база“.