Амансио Ортега, милијардерот основач на синџирот за облека „Зара“ (Zara), се стекна со луксузна станбена зграда во Чикаго за 232 милиона долари, додавајќи го и овој објект во своето растечко портфолио на имот во САД. Имотното портфолио на најбогатиот човек во Шпанија лани беше проценето на 18,1 милијарди евра (19,7 милијарди долари). Добро утро! Ова се пет вести што треба да ги знаете денеска...
Проекти стари половина век чекаат, струја од вода има сѐ помалку
Климатските промени донесоа долготраjни суши кои се причина за намалувањето на производството на струја во хидроелектричните капацитети. Најголемо производство од вода имало во 2010 година кога овие постројки произвеле 2.185 гигават часови електрична енергија. Најлоша година била 2017 кога се произведени само 816 гигават часови.
Производството од 2010 година не е достигнато и покрај тоа што во 2012 година почна со работа хидроцентралата „Света Петка“. Од пуштањето во употреба на оваа централа досега, најголемо производство имало во 2015 година, кога биле произведени 1.528 гигават часови електрична енергија.
Зголемување на пензиите ја загрозува стабилноста на Фондот на пензиско осигурување
„Барањата за зголемување на пензиите, надвор од законското усогласување со порастот на трошоците на животот и просечната плата, може повторно да го направат нестабилен Фондот на ПИОМ“, вели во интервју за „Блумберг Адрија“, Благица Петрески од „Фајнанс тинк“.
Таа ја смета за преоптимистичка тезата дека ако се скратат непродуктивните трошења, може да се обезбедат дополнителни средства за барањата на пензионерите.
Петрески, сепак, смета дека барањето на пензионерите за раст на пензиите по линеарна основа е подгреано од фактот што со одлука на Уставниот суд платите на именуваните лица се зголемија за 78 отсто.
„За таков потег не беше ни време ни место, особено во услови на криза“, вели таа.
Банките не смеат да наплатуваат надоместок за затворање на сметка
За затворање на платежна сметка која се користи подолго од шест месеци или за одржување на неактивните сметки, банките и штедилниците не смеат да им наплатуваат надоместоци на граѓаните и на фирмите.
Од Народната банка појаснуваат дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи што почна да се применува од 1 јануари годинава, се зајакнува заштитата на граѓаните и компаниите во однос на надоместоците за платежните услуги кои од нив ги наплатуваат давателите на платежни услуги.
„Стандард енд пурс“ го намали рејтингот на неколку банки во САД
Две недели откако „Мудис“ (Moody's Investors Service) ги разниша финансиските акции со намалување на рејтингот на голем број американски банки, „Ес енд пи глобал рејтингс“ (S&P Global Ratings) исто така одлучи да го намали рејтингот на неколку американски заемодавци.
„Ес енд пи“ го намали рејтингот на „Кејкроп“ (KeyCorp), „Комерика“ (Comerica), „Валеј нешнл банкорп“ (Valley National Bancorp), УМБ (UMB Financial Corp.) и „Асошиејтед банк-корп“ (Associated Banc-Corp.), се истакнува во соопштението од понеделникот, во кое како причина се наведуваат влијанието на повисоките каматни стапки и движењето на депозитите низ индустријата.
„Арм“ поднесе барање за најголемата ИПО во САД за оваа година
„Арм холдингс“ (Arm Holdings Ltd.) на компанијата „Софтбанк“ (SoftBank Group) направи чекор кон она што треба да стане најголема американска иницијална јавна понуда (анг. initial public offering - IPO) годинава, што наедно претставува облог дека некогашниот притаен дизајнер на телефонски чипови може да процвета во новата ера на компјутерите, која се потпира на вештачката интелигенција (ВИ).
Проценките се дека компанија може да ја забележи третата најголема иницијална јавна понуда во историјата на технолошкиот сектор, по понудата на „Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) од 25 милијарди долари во 2014 година и дебито од 16 милијарди долари на „Мета“ (Meta Platforms Inc.), тогаш позната како „Фејсбук“ (Facebook Inc.), во 2012 година.