Осумнаесет лица се пронајдени мртви во шума во североисточна Грција додека пожарникарите се борат да го локализираат пожарот.
Портпаролот на противпожарната служба изјави дека телата на луѓето биле јагленосани. Властите ја испитуваат можноста луѓето да се мигранти, рече тој. Властите евакуираа и болница во Александрополис, како и осум околни села, бидејќи пожарите кои избувнаа викендов се проширија.
Пожарите во Грција се најновиот доказ за тоа какво лето со екстремни временски услови беше ова, од шумски пожари во Канада до поплави и силни бури на други места во Европа. Глобалното затоплување го зголемува интензитетот на ваквите настани, бидејќи јули беше најтоплиот месец досега забележан во светот.
Околу 65 пациенти морале да бидат префрлени на брод во пристаништето во Александрополис бидејќи пожарот се приближил до болницата. Засега нема извештаи за штета на објектот, но бродот тргнува кон пристаништето Кавала за пациентите да можат да одат во тамошната болница.
Друг пожар избувна во вторникот во Аспропиргос, предградие северозападно од Атина, а властите наредија евакуација на три области. Полицијата го запре сообраќајот и на еден од главните автопати во главниот град.
Во Фили, мала општина во подножјето на планината Парнита, на околу 25 километри северозападно од главниот град Атина, во вторникот околу пладне избувна уште еден пожар. Властите издадоа наредба за евакуација бидејќи пожарот изгоре домови во областа. Вкупно во Грција моментално има околу 10 шумски пожари.
Ситуацијата се очекува да остане тешка бидејќи за денеска се најавени температури од 40 степени Целзиусови, а ветровите ќе останат силни уште еден ден. Регионот Атина, Виотија, Евија и три други области се под статус на „исклучително“ висока опасност од пожар, а властите го забранија пристапот до шумите и планините до среда наутро.