ФИФА привремено го суспендираше Луис Рубиалес, првиот човек на шпанската фудбалска асоцијација, по неделата проследена со контроверзи околу неговото однесување после финалето на Светското првенство за жени.
Суспензијата од сите активности поврзани со фудбал стапува во сила веднаш и првично ќе трае 90 дена додека дисциплинската комисија на ФИФА спроведува истрага за Рубиалес, се вели во соопштението кое во саботата го објави управното тело на фудбалот. ФИФА во четвртокот најави ревизија поради гневот што Рубиалес го предизвика во јавноста откако победата на Шпанија ја прослави бакнувајќи ја фудбалерката Џенифер Хермосо директно в уста и направи непристоен гест на фаќање за меѓуножјето по гол на Шпанија.
Одлуката доаѓа еден ден откако шампионската женска екипа на Шпанија соопшти дека ќе одбие да игра натпревари додека Рубиалес е на функција. Во драматично обраќање во петокот, Рубиалес пет пати рече дека нема да поднесе оставка, а шпанската фудбалска асоцијација го поддржа во изјава и се закани со правна постапка, со импликации дека Хермосо лажела за тоа што се случило.
Рубиалес, исто така, во петокот тврдеше дека е жртва на јавен линч и дека не направил ништо лошо бидејќи бакнежот бил консензуален. Хермосо одговори со сопствена изјава со која ги оспорува тврдењата и рече дека е жртва на „сексист поттикнат од импулси“.
Шпанската влада, исто така, покрена постапка за суспендирање на 46-годишниот функционер. ФИФА, на која на крајот и поднесуваат извештаи сите национални асоцијации, обично не сака владите да интервенираат во националните фудбалски активности.