Француските железничари денеска ја напуштија работата поради спор околу платата, што дополнително го зголеми нарушувањето на патниот сообраќај низ Европа, откако минатата недела имаше штрајкови на парискиот аеродром „Шарл де Гол“.
Портпаролот на државниот железнички оператор SNCF ги потврди намалувањата на услугите најавени претходно, при што брзиот TGV експрес во Франција е намален за дури 40 отсто во зависност од рутата, а погодени се и регионалните и париските патнички железнички линии.
Врските со Шпанија и ноќниот воз за Виена беа прекинати пред акцијата. Врската „Еуростар“ преку тунелот под Ла Манш и услугите до Брисел и Амстердам не се засегнати, додека операциите кон Италија, Германија и Швајцарија ќе бидат „квази-нормални“.
Синдикатите кои ги претставуваат работниците на SNCF бараат повисоки плати за да се компензира инфлацијата. Иако штрајковите на железницата во Франција се релативно вообичаени, денешната акција ќе го зголеми притисокот врз претседателот Емануел Макрон да усвои мерки за зајакнување на куповната моќ на потрошувачите. Премиерката Елизабет Борн треба да ги претстави владините политики подоцна во текот на денот.
Штрајкот на железницата доаѓа токму во момент кога во француските училишта започна летниот распуст.
Аеродромот „Шарл де Гол“ би можел да претрпи нови прекини веќе во петок, бидејќи вработените се борат за повисоки плати. Околу 20 отсто од летовите беа откажани во екот на минатонеделната тридневна акција.