Европа пропушти историска прилика да создаде глобален стандард за одржливи инвестиции откако се согласи да го третира гасот како зелена енергија, велат банкарите, инвеститорите, климатските активисти и нивните адвокати.
Стефани Фајфер, извршна директорка на Групата на институционални инвеститори за климатски промени, чии членови надгледуваат комбинирани средства од над 50 трилиони долари, ја опиша одлуката на Европскиот парламент, да го вклучи гасот во европскиот правилник за зелени инвестиции, како разочарувачка. Стефан Кипе, шеф на истражување во Commerzbank AG, вели дека тоа не ја олеснува борбата против климатските промени. Во меѓувреме, климатските активисти беа далеку поотворени, а Global Witness ја нарече одлуката болна шега.
Гласањето, кое помина со потесно мнозинство од очекуваното, значи дека гасот и нуклеарната енергија ќе бидат вклучени во таканаречената зелена таксономија на Европа од следната година. Овие два вида гориво потоа ќе бидат вградени во поширока европска рамка наменета да го насочи капиталот кон одржливи цели. Но, групите на инвеститори брзо укажаа дека финансиската индустрија може да пристапи кон одлуката со претпазливост, а некои дури и ги бојкотираат новите зелени ознаки.
„Навистина е сомнително дали гасот и нуклеарната енергија ги исполнуваат условите за да се квалификуваат како преодна активност“, смета Хуго Галагер, висок советник за политика на Европскиот форум за одржливи инвестиции (Eurosif). „Сигурно ќе има сегмент од индустријата што нема да смета дека инвестирањето во гас или нуклеарна енергија е зелено, без разлика што вели таксономијата“, додава тој.
Гласањето во средата се одржа во моменти кога пошироката индустрија за инвестирање во животната средина, општествата и управувањето се соочуваат со прашања за тоа колку е добро за планетата. Тука се и молбите од научниците да се направи повеќе во борбата против зголемените температури бидејќи на светот му истекува времето да ги победи климатските промени. Во април, Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени процени дека планетата би можела да биде на пат кон температурни зголемувања што би можелo да ја удвои границата поставена со Парискиот климатски договор.
„Опасен преседан“
Лоренс Тубијана, економист кој помогна во подготовката на Парискиот климатски договор од 2015 година, рече дека ЕУ ја пропуштила шансата да постави златен стандард за одржливо финансирање. „Наместо тоа, таа постави опасен преседан“, нагласи тој.
Фајфер од IIGCC го нарече потегот пропуштена шанса за ЕУ да продолжи да демонстрира глобално лидерство за климатските промени со силна и научно заснована таксономија, која го поткрепува веродостојниот пат до нула емисии.
ЕУ тврди дека нејзината цел е да им понуди на земјите-членки зависни од јаглен полесен пат за транзиција кон обновливи извори на енергија со тоа што ќе ги направи поприфатливи опциите за ниска потрошувачка на јаглерод. Но, критичарите тврдат дека овој пристап отстапува од она што требаше да биде рамка заснована на наука. А по војната во Украина, тензиите се зголемија и поради законодавството што може да и отежне на ЕУ да се одвикне од рускиот гас.
Елиз Атал, шефица за политика на ЕУ задолжена за принципите за одговорно инвестирање поддржани од Обединетите нации, рече дека одлуката ќе го компликува спроведувањето на таксономијата.
„Инвеститорите ќе треба внимателно да ја испитаат содржината на нивните портфолија за да се уверат дека тврдењата за животната средина се всушност засновани на наука или ризикуваат да се изложат на потенцијаен 'гринвошинг'“, рече таа.
Европската комисија ја опиша проширената таксономија како разумен компромис кој ги зема предвид потребите на сите земји-членки. Гласањето беше наречено важно признание за прагматичниот и реален пристап во помагањето на многу земји-членки на нивниот транзициски пат кон климатска неутралност.
Најголем дел од критиките за проширената таксономија се фокусираа на гасот, при што поддржувачите на нуклеарната енергија укажуваат на нејзиниот статус како гориво без емисии.
„Гласањето е пресвртница за нуклеарната индустрија и ќе ги олесни инвестициите во постоечки и нови постројки“, рече Жан-Бернар Леви, извршен директор на Electricite de France SA.
ЕУ веќе се соочува со правни предизвици околу нејзината одлука да ги вклучи гасот и нуклеарната енергија во својата таксономија. Австрија и Луксембург сигнализираа дека планираат да го оспорат овој потег пред судовите, иако тоа е процес кој може да трае со години.