Германија во моментот е најважната приказна за европската економија, а расплетот таму има силно влијание кај нас. Прогнозите од различни извори што се достапни на терминалот на „Блумберг“ покажуваат иста тенденција - моторот на европската економија ќе се стабилизира дури за две години отсега, но и тогаш ќе биде далеку од достигнувањата што ги имаше пред почетокот на енергетската криза лани. Ова е една од најважните вести што треба да ги знаете ова утро.
Германските фабрики и Македонија
Во јули нарачките на германските фабрики, според тамошната статистика, се намалиле за 11,7 отсто, по што претседателката на Германското здружение за автомобилска индустрија, Хилдегард Милер, предупреди дека Германија е во опасност да го загуби долгогодишниот статус на светска суперсила во автомобилската индустрија.
„Сите случувања во германската автомобилска индустрија мора да остават белег и на домашните компании“, вели во изјава за „Блумберг Адрија“ директорот на фабриката „ОДВ електрик“ од струшката зона, Огнен Цубалевски. Но во овој момент во компанијата со која тој раководи нема никакви проблеми во однос на нарачките од Германија.
Во моментов околу 50 отсто од сите новопродадени електрични возила се произведени во Кина. Кина има контрола и врз целиот критичен синџир на доставувачи за овие возила, од производството на батериите, преку електрониката и корисничкиот интерфејс (user interface), па до вештачката интелигенција и автономното возење.
Кинескиот поход со електрични возила
Да, анализираме и за кинеските автомобили во Европа. Драстичен раст на извозот на возила од Кина има од почетокот на годинава, а тој е особено изразен кај електричните возила. Според податоците на Кинеската асоцијација на производители на автомобили, од јануари до април годинава од Кина биле извезени 1,37 милион возила, што е зголемување од 89,2 проценти на годишно ниво.
Од вкупната бројка, 348.000 биле електрични возила, што е зголемување од 1,7 пати на годишно ниво. Ако се земе предвид дека континуирано расте и извозот на батерии за електрични возила, но и инвестициите на кинеските компании во капацитети за производство на вакви батерии, станува јасно дека Кина веќе е неколку чекори понапред во однос на конкурентите од Запад кога станува збор за пазарот на електрични возила.
Данок а ла Робин Худ или не?
Воведувањето еднократни даночни мерки, кои дури можеме да ги наречеме и „крпеници“, е многу популарна активност во Европа во последната година, вели главниот аналитичар на „Блумберг Адрија“, Андреј Кнез.
Прво Италија, а потоа и Чешка, Шпанија, Унгарија, Литванија и Словенија најавија дека ќе „чепнат“ во банкарските профити, кои годинава се поголеми поради затегнатите монетарни политики што доведоа до раст на каматите.
„Меѓутоа, наместо а ла Робин Худ, ваквите потези повеќе потсетуваат на некои други херои од стриповите што земаат од богатите и, со тоа што избегнуваат да ги даночат и другите богати, де факто им помагаат.
Состаноците на Ердоган
„Алибаба груп холдинг“ (Alibaba Group Holding Ltd.) објави дека планира да инвестира 2 милијарди долари во Турција откако претставници на компанијата разговараа со претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган. Шефот на кинескиот гигант Мајкл Еванс го соопшти ова по состанокот во Истанбул во петокот, се наведува во соопштението на „Трендиол“, турската единица на компанијата.
Во меѓувреме Илон Маск го посети турскиот претседател при неговиот престој во Њујорк и потроши околу 45 минути разговарајќи за вештачката интелигенција и потенцијална фабрика на „Тесла“ во Турција.
Вредни криптожртви
Американскиот бизнисмен, инвеститор, филмски продуцент и сопственик на НБА-тимот Далас Маверикс, Марк Кубан, чие богатство на почетокот на годинава беше проценето на околу 5,2 милијарди американски долари, беше оштетен за 870.000 долари во криптоизмама.
Аналитичар под псевдонимот Вазкрипто (WazzCrypto) беше меѓу првите што забележаа дека се случува нешто. Според аналитичарот, цел на напаѓачот бил паричник што бил неактивен речиси 160 дена. Отпрвин изгледало дека Марк Кубан го пренесува својот имот во нов паричник. Сепак, неправилностите во шемата на трансакции предизвикале сомнежи.