Француската ривиера изгледа малку поинаку ова лето: руските суперјахти кои вообичаено може да се забележат како половат по нејзините блескаво сини води, ги нема на повидок.
Соочени со санкции за нивните врски со претседателот, Владимир Путин и поддршката за неговата инвазија на Украина, руските тајкуни ги преместуваат своите јахти вредни повеќе милиони долари на места каде што е помала веројатноста да бидат запленети од САД и другите влади.
„Навистина е ретко да се видат мегајахти закотвени во едно пристаниште со месеци, особено во текот на летото кога тајкуните сакаат да ги покажат своите јахти долж јужниот француски брег“, вели Денис Сука, инфлуенсер на социјалните мрежи, познат како „Јахт Могул“ (Yacht Mogul) кој изнајмува и помага во продажба на бродови за клиенти.
Работната група фокусирана на руски тајкуни блокирала или замрзнала средства во вредност од над 30 милијарди долари, вклучувајќи јахти и луксузни недвижности за нешто повеќе од 100 дена, информира американското Министерство за финансии. Репресијата им остави на сопствениците на суперјахтите малку дестинации за избор додека се оддалечуваат од некои од најпопуларните локации во светот за дружење на богатите и славните.
„Многу мегајахти во сопственост на Руси веќе немаат слобода на движење. Тие треба да внимаваат каде ќе пловат или ќе бидат запленети“, објаснува Сука.
Еве неколку примери на суперјахти во руска сопственост кои сега се принудени да се движат дискретно, според анализа на податоците за бродови собрана од Bloomberg:
My Solaris и Eclipse
Роман Абрамович, поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб Челси, има флота од јахти, вклучувајќи ја и една од најскапите во светот. My Solaris („Мај соларис“) вредна 600 милиони долари, има 48 кабини на осум палуби, а ја напушти Барселона само неколку недели откако Русија ја нападна Украина и се упати кон егејскиот брег на Турција, застанувајќи во Јаликавак на 4 април и оттогаш не заминува од таму.
Eclipse („Еклипс“), уште една јахта поврзана со Абрамович, е во водите во близина на градот Гочек во југозападна Турција од крајот на април. Првпат пристигна во Турција на крајот на март од карипскиот остров Сент Мартин.
Двете суперјахти имаа поинакво лето минатата година, кога My Solaris крстареше од Барселона до Кан. Меѓу постојките на патот, се закотви на Сен Жан Кап Фера, полуостров до Ница познат како енклава за милијардери, со раскошни имоти и приватни плажи. Eclipse, во меѓувреме, се движеше на локации околу Сен Тропе.
Турција стана популарно скривалиште по инвазијата во Украина, бидејќи е една од ретките земји кои не ги запленуваат руските средства. Турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу, кон крајот на март рече дека санкционираните руски олигарси се добредојдени и како туристи и како инвеститори, сè додека нивните активности се легални.
Обединетото Кралство и Европската унија го санкционираа Абрамович, додека американски судија потпиша налог за запленување на авиониоте Boeing Co. 787-8 Dreamliner и Gulfstream G650ER за кои американските власти велат дека Русинот ги поседува или контролира. Тој најмил американска адвокатска фирма да се бори против налогот.
Во меѓувреме, американскиот претседател Џо Бајден се заложи за законодавство што ќе им овозможи на САД да запленуваат јахти и други средства на санкционираните Руси, да ги ликвидираат и да ги користат тие средства во корист на Украина. ЕУ размислува за слични мерки.
Nirvana
Nirvana („Нирвана“) јахта долга 290 стапки, поврзана со рударскиот милијардер Владимир Потанин, е закотвена во Дубаи од 7 март. Минатата година, суперјахтата вредна 300 милиони долари крстареше по Јадранското Море долж хрватскиот брег, застанувајќи во Пула и Водице, како и на островот Вис. Се упати кон Џенова во Италија минатиот септември.
Велика Британија минатата недела воведе санкции за Потанин, најбогатиот човек во Русија и претседател на MMC Norilsk Nickel. Потанин, кој има нето вредност од околу 31,5 милијарди долари според индексот на милијардери на Bloomberg, рече дека е подготвен да разговара за спојување на рударскиот гигант со United Co Rusal International, бидејќи санкциите ги оптоваруваат двете компании.
Sea Rhapsody
Sea Rhapsody („Си рапсоди“) е јахта поврзана со Андреј Костин санкциониран од страна на САД, која пристигна на Сејшелите во Индискиот Океан на почетокот на март и не замина од таму. Пред една година, крстареше низ јужна Италија, поминувајќи го поголемиот дел од летото во близина на Неапол и Капри. Во средината на август, пловилото заплови за Албанија, а потоа и кон Црна Гора.