„Спејс екс“ (SpaceX) на Илон Маск го доби својот прв договор од американските вселенски сили за обезбедување приспособени сателитски комуникации за армијата во рамките на новата програма на компанијата „Старшилд“ (Starshield), со што милијардерот ја надградува својата улога како изведувач во сферата на одбраната.
„Спејс екс“ (Space Exploration Technologies Corp.) се натпреварува со 15 компании, вклучувајќи ја и „Вајасат“ (Viasat Inc.), за нарачки од 900 милиони долари до 2028 година, во рамките на новата програма за договори на вселенските сили наречена „Пролиферирана ниска орбита на Земјата“, која ќе користи комуникациски услуги од сателити што орбитираат од 100 до 1.000 милји (од 160 до 1.600 километри) над Земјата.
Услугата „Старшилд“ ќе биде обезбедена преку постојната констелација на комуникациски сателити „Старлинк“ (Starlink) на „Спејс екс“.
Прочитај повеќе
Маск му признал на Пентагон дека имал директен разговор со Путин
Илон Маск им открил на претставници на Пентагон дека разговарал лично со рускиот претседател Владимир Путин.
22.08.2023
Досега неоткриената „наредба за задачи“ се приклучува кон растечкото портфолио на „Спејс екс“ во соработката со Пентагон. Тоа ја вклучува и конкуренцијата со „Јунајтед лаунч алајанс“ (United Launch Alliance), заедничко вложување на „Локид Мартин“ (Lockheed Martin Corp.) и „Боинг“ (Boeing Co.), да испорачаат проекти за националната безбедност, како и јунскиот договор на Пентагон со необјавена вредност за обезбедување сателитски комуникации од „Старлинк“ за украинската војска и овомесечното лансирање на 13 сателити за Агенцијата за вселенски развој на Пентагон.
Улогата на Маск во Украина доби критики откако во нова биографија беше обелоденето дека тој го одбил барањето на украинската влада да ja прошири покриeноста со „Старлинк“ на Крим, што е под руска контрола, за да помогне во нападот со поморски беспилотни летала врз руски цели минатата година.
Тоа беше пред „Спејс екс“ да склучи договор со Пентагон за давање на услугите на „Старлинк“ во Украина. Но, одлуката на Маск и неговите потези - вклучувајќи ги и разговорите што ги имал со рускиот претседател Владимир Путин - предизвикаа прашања од некои американски пратеници во однос на неговата веродостојност како снабдувач за Пентагон.
„'Спејс екс' е главен изведувач и клучен индустриски партнер на Министерството за одбрана и примател на милијарди долари од даночните обврзници“, се наведува во писмото на група демократски сенатори до министерот за одбрана Лојд Остин. „Ние сме длабоко загрижени за способноста и можноста 'Спејс екс' да ги прекине услугите по желба на г. Маск за да се 'стават лисици' на способноста за самоодбрана на една суверена земја, ефективно бранејќи ги руските интереси“.
Едногодишниот договор на „Спејс екс“ за „Старшилд“ бил доделен на 1 септември, според портпаролката на воздухопловните сили Ен Стефанек. Договорот, со плафон од 70 милиони долари, „обезбедува услуга преку констелацијата 'Старлинк', кориснички терминали, помошна опрема, управување со мрежа и други сродни услуги“, рече таа.
До 30 септември околу 15 милиони долари ќе му бидат доверени на „Спејс екс“ со финансирање што поддржува 54 „партнери во мисијата“ низ армијата, морнарицата, воздухопловните сили и крајбрежната стража, посочи Стефанек.
„Спејс екс“ не одговори на барањето за коментар за новиот договор.