Каталин Карико и Дру Вајсман ја добија Нобеловата награда за медицина за истражувањето што ги постави темелите за некои од најпродаваните лекови на сите времиња: мРНА-вакцините против ковид-19.
Работата на научниците помогна во пионерската технологија што им овозможи на „Модерна“ (Moderna Inc.) и на „Фајзер-Бионтек“ (Pfizer Inc.-BioNTech SE) брзо да развијат вакцини против пандемијата. Вакцините им се инјектирани на стотици милиони луѓе низ светот, што се смета за клучен чекор кон олеснување на пандемијата на коронавирусот.
Двајцата научници ќе ја поделат наградата од 11 милиони круни (1 милион американски долари), се наведува во соопштението на Одборот за доделување на наградата на институтот „Каролинска“ во Стокхолм.
Карико и Вајсман покажаа како да се реши еден од главните проблеми на мРНА (mRNA) со нагодување за да се избегне поголемо воспаление. Нивното истражување, објавено во 2005 година, беше еден од темелите што овозможија негово внесување во телото.
„Преку нивните револуционерни наоди, кои фундаментално го сменија нашето разбирање за тоа како мРНА комуницира со нашиот имунолошки систем, лауреатите придонесоа за невидената стапка на развој на вакцини за време на една од најголемите закани за човековото здравје во модерното време“, се наведува во соопштението на одборот.
Работата на двајцата научници стана основа за нов тип инокулација. Наместо да внесе ослабен или мртов вирус во телото за да го поттикне имунолошкиот систем да препознае инфекција, мРНА се користи за да ги поттикне клетките сами да го произведат она што е потребно за вакцината. Пристапот е многу побрз од конвенционалните и им овозможи на „Модерна“ и на тимот на „Фајзер-Бионтек“ да развијат вакцини против ковид за помалку од 11 месеци.
Карико, родена во Унгарија, и Вајсман, Американец, работеа во релативна нејасност со години, со пристап што многу други научници го отпишаа како премногу тежок за употреба.
Годишните награди за достигнувања во физиката, хемијата, медицината, литературата и мирот беа утврдени во тестаментот на Алфред Нобел, шведскиот изумител на динамитот, кој почина во 1896 година. Наградата за економски науки беше додадена од Централната банка на Шведска во 1968 година.