Затворената активистка за човекови права Наргес Мохамади ја доби годинешната Нобелова награда за мир за нејзината борба против угнетувањето на жените во родниот Иран и поради нејзините напори да ги промовира човековите права и слободи.
Мохамади (51) ја продолжи својата борба дури и откако режимот во Техеран ја осуди пет пати и ја казни на вкупно 31 година затвор и 154 удари со камшик, се наведува во соопштението на норвешкиот Нобелов комитет со седиште во Осло.
Таа е втората Иранка на која ѝ е доделена наградата, по поборничката за човекови права Ширин Ебади, која беше избрана во 2003 година поради нејзините заложби за правата на жените и децата.
Смртта во притвор минатата година на Махса Амини, 22-годишна курдска Иранка, предизвика неколкунеделни национални протести, кои го покажаа револтот од државната опресија против жените поради пркосот кон правилата за облекување.
Тие исто така поттикнаа движење што претставуваше најголем предизвик за верското раководство во земјата во последните децении.
„Мотото усвоено од демонстрантите 'Жена - живот - слобода' соодветно ги изразува посветеноста и работата на Наргес Мохамади“, соопшти Нобеловиот комитет.
„Годинешната награда за мир исто така им оддава признание на стотици илјади луѓе што минатата година демонстрираа против политиките на теократскиот режим на дискриминација и угнетување насочени кон жените“, се додава во соопштението.
Дури и во заробеништво, Мохамади - која ќе добие и парична награда од 11 милиони круни (милион американски долари) - помогна да се осигури дека протестите против режимот нема да завршат, посочи комитетот.
„Доколку иранските власти донесат правилна одлука, тие ќе ја ослободат за да може да биде присутна и да ја добие оваа чест, на што најискрено се надеваме“, рече претседателката на комитетот, Берит Реис-Андерсен, пред новинарите во Осло.
Комитетот доби 351 номинација за годинешната награда, од кои 259 поединци, а преостанатите организации. Нивните имиња се чуваат во тајност 50 години.
Минатогодишни победници беа поборниците за човекови права Алес Бјалијатски од Белорусија, руската организација „Меморијал“ и Украинскиот центар за граѓански слободи.