Поранешниот шеф на Формула 1, 92-годишниот милијардер Берни Еклстон се изјасни за виновен за затајување данок откако истрагата покажа дека не пријавил повеќе од 463 милиони евра што ги имал на сметка на фондација во Сингапур.
Нешто повеќе од еден месец пред почетокот на неговото судење за даночна измама, Еклстон се појави пред судија во Кралскиот суд во Саутварк, област во југоисточен Лондон, и изненадувачки се изјасни за виновен, откако првично се изјасни за невин.
Еклстон во судот пристигна во придружба на 47-годишната сопруга Фабијана, а освен реченицата дека „признава вина“, пред судот ги потврдил само основните лични податоци.
Широката истрага покажа дека Еклстон го премолчил постоењето на сметката во Сингапур, одговарајќи на директно прашање дека тој „не е основач или корисник на каква било фондација во или надвор од Велика Британија“. Тој пријавил само една фондација, чиј корисник е неговата ќерка.
Во своето обраќање по признанието на Еклстон, државниот обвинител Ричард Рајт изјави дека обвинетиот свесно дал „невистинит или погрешен одговор“ во истражниот процес.
„Господинот Еклстон не беше свесен за тоа како е структурирана сопственоста над конкретната сметка. Затоа, тој не знаеше дали подлежи на данок, камата или казни во однос на износите што минуваат низ сметките и не беше во состојба да даде позитивен или негативен одговор“, рече Рајт и заклучи: „Тој сега прифаќа дека должи одреден данок“.
Во граѓанска спогодба, Еклстон се согласи да им врати 652,6 милиони фунти (околу 756 милиони евра) на даночната и царинската управа, беше посочено во судот. Таа сума ќе ги покрие даноците, затезната камата и казните за даночниот период од 1994 до 2022 година.