Три француски аеродроми беа евакуирани по заканите денеска. Ова е трет ден по ред на затворање на аеродромите поради закани за бомби.
Вкупно 14 аеродроми добиле заканувачки пораки, а Бордо, Безие и Рен ги замолиле персоналот и патниците да ги напуштат просториите, објави агенцијата Франс прес, цитирајќи извори од индустријата.
Аеродромот во Бордо на својата веб-страница потврди дека постепено се отвора за патниците откако властите го укинаа предупредувањето. Аеродромот во Рен е евакуиран „како мерка на претпазливост“, пренесува AФП, повикувајќи се на локалните власти во регионот Ил-ет-Вилен.
Версајската палата исто така беше затворена од безбедносни причини, петти пат за помалку од една недела, се вели во објавата на X.
Серијата закани веќе предизвикаа евакуација на неколку регионални аеродроми во средата и четвртокот.
Француските власти се во состојба на готовност по смртоносното избодување на наставник во северниот град Арас минатиот петок.
„Во Франција се во тек 22 истраги за лажни закани“, изјави министерот за правда Ерик Дупон-Морети за радиото РТЛ во петокот.