„Хонда“ (Honda Motor Co.) ќе лансира такси услуги без возачи во Токио на почетокот на 2026 година, во потег што може да биде решение за недостигот на таксисти во еден од најнаселените градови во светот.
Јапонскиот производител на автомобили соработува со ГМ (General Motors Co.) и неговата подружница „Круз“ (Cruise LLC), која веќе ги тестира своите автономни таксија во четири американски градови. Во центарот на Токио услугата ќе започне со неколку десетици возила, со цел понудата да се прошири на 500 возила, пред услугата наречена „Круз ориџин“ (Cruise Origin) да се прошири и во други области, изјави во четвртокот извршниот директор на „Хонда“, Тошихиро Мибе.
Возилото кое по својот облик наликува на кутија може да превезува до шест патници, нема да има возачко седиште и волан, што ќе им овозможи на патниците да седат еден спроти друг во простор како кабина, кој може да се користи за состаноци во движење.
Таксито ќе биде прикажано на Саемот за мобилност во Јапонија, што започнува кон крајот на овој месец.
Автономните такси возила би можеле да помогнат во решавањето на еден од клучните проблеми со кои се соочува индустријата во Јапонија: недостигот на возачи, имајќи предвид дека повеќе од 10.000 ја напуштиле индустријата за време на пандемијата. Тие нудат и решение за возење за лицата со посебни потреби и постарата популација, изјави извршната директорка на ГМ, Мери Бара.
„Го дизајниравме Cruise Origin со мисла дека неговата употреба не е само за транспорт на луѓе туку и на предмети, па затоа планираме да ја прошириме примената“, рече Мибе на настанот одржан во седиштето на Хонда во Токио, додавајќи дека трите компании сакаат да соработуваат со превозници.
Јапонија заостанува зад земјите како САД и Кина кога станува збор за автономното возење. Досега имаше само еден град со возила чие автономно возење достигнува ниво 4, според кое возилата можат да ги извршуваат сите задачи во врска со управувањето, но само под одредени услови со опција човек да ја преземе контролата. Дури и тогаш, за возилото со седум седишта е дозволено да патува само на патека долга два километра. Максимална брзина е 12 километри на час.
„Ќе биде првпат да имаме ваков вид на услуга во Токио“, рече Мибе.
Трите компании потпишаа меморандум за разбирање за основање на заедничко претпријатие за превознички услуги.