Каматните стапки повторно на пауза, но до кога? Геополитичките случувања во светот дополнително подгреваат нескротливата инфлација. Голем е ризикот цените на енергентите и храната повторно да се зголемуваат, а тоа директно ја погодува и земјава.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Македонците треба да се молат да не се разгори Блискиот Исток
Минатото покажува дека геополитичките тензии од поголеми размери имаат големо влијание врз пазарите на основните суровини и врз целокупната економија. Засега конфликтот на Блискиот Исток има умерено влијание врз цените на суровините, но тоа може да се смени прекуноќ доколку дојде до разгорување на ова жариште. Анализираме какви се актуелните прогнози за цените на основните суровини и кои се главните ризици.
Цените на нафтата и златото се зголемија умерено, но цените на повеќето други стоки останаа релативно стабилни. Сепак, историјата сугерира дека ескалација на конфликтот претставува голем ризик што може да доведе до пораст на цените на нафтата и другите стоки - исход што ќе ја интензивира несигурноста со пристапот до храна во регионот и во светот.
Како влезе вештачката интелигенција во Македонија и какви ризици носи
Широката примена што ја овозможува технологијата за вештачка интелигенција поттикнува загриженост, бидејќи моќната алатка може да биде злоупотребена во најразлични сфери. Да земеме еден пример што ни е близок и нам, тука во Македонија, и за кој веројатно повеќето слушнале, а тоа е за користењето на ЧетГПТ од страна на учениците.
Регулирањето на ВИ е комплексен предизвик и бара балансирање помеѓу стимулирањето на иновациите и заштитата на интересите и безбедноста на луѓето и општеството. За тоа пред сѐ се неопходни интензивна соработка помеѓу сите вклучени страни, постојано обновување на регулативните рамки и следење на најновите трендови на оваа експоненцијална технологија.
Фед повторно не ги промени стапките, но не исклучува натамошни зголемувања
Федералните резерви на Соединетите Американски Држави одлучија да ги остават каматните стапки на нивните сегашни нивоа, што беше широко прифатен консензус од аналитичарите и економистите што предвидуваа каква одлука би можела да донесе американската централна банка.
Темпото со кое Фед ќе го намали портфолиото на обврзници нема да се промени во однос на претходните најави и планови, се наведува и во соопштението на централната банка. Токму овие обврзници го изнесоа во преден план соопштението на американското министерство за финансии, кое денеска најави дека ќе го зголеми обемот на емисии на државни обврзници со подолги рокови, но тој пораст беше помал од очекуваното.
Топлото време на Балканот и во Европа во ноември ќе ја одложи грејната сезона
Граѓаните во Европа традиционално почнуваат да го вклучуваат парното во октомври, а дополнително се интензивира во ноември, што ја зголемува побарувачката на природен гас. Пониските температури овој месец би можеле да ја намалат побарувачката во споредба со претходните години и да помогнат да се зачува вишокот гас до крајот на зимата.
Досега потрошувачката на гас во Европа остана далеку под историските просеци, откако минатогодишната енергетска криза ги принуди компаниите и домаќинствата да ја намалат потрошувачката. Топлата временска прогноза во текот на октомври значеше и дека нема значително повлекување гас од складиштата за гас во регионот.
Светот станува очаен по шеќер, зошто горчи од Бразил?
На светот му треба шеќерот од врвниот производител Бразил повеќе од кога било досега, со него ќе се намали глобалниот недостиг. Клучната причина за незавидната ситуација во која Бразил го става светот сега, всушност, е хаосот што владее на клучните бразилски пристаништа. Земјата не може да го испорача доволно брзо и тоа прави големи проблеми, кои веќе се рефлектираат и во цената.
Бразил ќе започне со берба на сојата подоцна годинава, а многу терминали што сега испраќаат шеќер следната година ќе се префрлат на маслодајните семиња. Другите ќе престанат да работат за годишно одржување. А некои од капацитетите и сега се борат да натоварат шеќер поради обилните врнежи, па има опасност од уништување на производот.