Извесно е дека автопатот Кичево-Охрид нема да биде завршен до крајот на годинава како што ветуваше Владата. Сега, откако увиде дека нема да се исполнат роковите, Владата најавува ревизија и можно раскинување на договорот за изградба на оваа автопатска делница откако изминаа десет години од почетокот на градежните работи. Легитимно е прашањето што се чекаше до сега?
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Доаѓаат дигиталните пари: Кога ќе немаме ниту денар во паричниците?
Платежните картички имаат 73 години. Првата пластична картичка е ставена во функција во 1950 година. И тогаш имало трговци што прифаќале ваков безготовински начин на плаќање. Но овој вид на плаќање добива вистински замав дури кон средината на 1990-тите.
Картичките најтешко влегоа во употреба кај малите трговци. Тие почнаа да ги прифаќаат дури по 2010 година и оттогаш и регулаторите направија редица промени за да создадат простор за поголема конкуренција. Безготовинското плаќање го достигна врвот за време на пандемијата, за сега да падне под нивоата од пред здравствената криза.
Како гигантите го искористуваат деловниот потенцијал на регионот
Деловното опкружување во регионот Адрија е комплексна мешавина од сè, при што секоја земја има уникатни можности и предизвици. Емиграцијата е најголемиот ризик со кој се соочуваат компаниите. Прашавме неколку компании по случаен избор како се разликуваат деловните опкружувања во земјите од регионот.
Поради културните карактеристики, деловниот пејзаж во земјите од регионот Адрија можеби на прв поглед изгледа униформно, но повнимателен поглед ги открива клучните разлики. За да ги разбереме овие разлики, контактиравме со четири компании присутни во регионот: групација „Триглав“, „Нова Љубљанска банка“ (НЛБ), „Фајзер“ (Pfizer) и „Петрол“.
Растат акциите во Европа
Европските акции продолжија да растат четири дена по ред, што е нивната најдолга победничка серија од јули. Растот е поттикнат од надежите дека циклусот на зголемување на каматните стапки на Федералните резерви е завршен. Индексот Stoxx Europe 600 порасна за 1,6 проценти до затворањето на тргувањето, при што најмногу добија акциите од секторите недвижности и автомобили.
Индексот на недвижности Stoxx 600 се зголеми најмногу во последните девет месеци, бидејќи секторот оптоварен со долгови имаше корист од олеснувањето на приносите на обврзниците. Акциите на „Ново Норидиск“ (Novo Nordisk A/S) дадоа најголем поттик на индексот откако компанијата објави раст на продажбата во третиот квартал што се должи на побарувачката за лековите за слабеење доносно за дијабетес.
Продолжува растот на цените на храната во ЕУ
По значителните поскапувања во текот 2022 година, цените на прехранбените производи во ЕУ продолжија да растат и оваа година, при што нивниот раст забави во текот на вториот и третиот квартал, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција - Евростат.
Во септември 2023 година, цените на маслиновото масло, јајцата, путерот и компирот во ЕУ и натаму биле повисоки споредно со јануари 2021, но нивниот раст е со побавно темпо за разлика од претходните неколку месеци. Така, во септември годинава просечната цена на маслиновото масло била за 75 проценти повисока споредено со јануари 2021 година, додека компирот во истиот период поскапел за 53 проценти.
Раст на потрошувачката на храна во земјава, аналитичарите очекуваат повеќе
Реален годишен пад на трговијата од 1,8 отсто во септември регистрира Државниот завод за статистика. Според податоците, во тој месец зголемување на прометот во номиналната и реалната стапка има само во трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун, и тоа номинално за 9,7 отсто, а реално за 2,1 отсто.
Во другите групи сепак има реален пад, кој е најголем во трговијата на мало со непрехранбени продукти, освен гориво номинално. Пад во двете стапки е забележан само во групата трговија на мало со автомобилски горива, номинално за 8,3 проценти, а реално за 5 проценти.