Екстремните временски услови што ја погодија Италија оваа година, погодувајќи ги урбаните области и уништувајќи ги посевите во неколку региони, ќе ја чинат земјата милијарди.
Најголемите осигурителни компании веќе се соочуваат со штети од повеќе од 3 милијарди евра (3,2 милијарди долари) од поплавите и ураганите што ги погодија регионите Венето и Емилија Ромања претходно оваа година, наведено и во анализата објавена од „Соле 24 оре“ (Sole 24 Ore) во неделата.
Вкупната цифра сигурно ќе се зголеми по смртоносните дождови кои се фокусираа на Тоскана и северните региони минатата недела, при што загинаа седум лица и предизвикаа штета која веќе се проценува на повеќе од 300 милиони евра, според Агенцијата за цивилна заштита. Италијанската влада одвои околу 5 милиони евра помош и вети повеќе.
Италијанските власти соопштија дека временските прилики во Тоскана се поврзани со трендот на „тропализација“. Невремето го следеше најтоплиот октомври во Италија досега, според земјоделското здружение „Колдирети“, кое ја процени штетата на поплавите за италијанскиот земјоделски сектор на повеќе од 6 милијарди евра оваа година.
Непосредното влијание не е само врз посевите и жетвата на житарици и маслиново масло, туку и врз залихите кои се веќе собрани и складирани во магацините кои беа поплавени, велат од „Колдирети“.
Тоскана и централна Италија се уште се под метеоролошка тревога, а конечната цена на штетата ќе биде позната во наредните денови. Но, влијанието на овие настани врз големите осигурителни компании веќе се одрази на нивната заработка и прогнози. Акциите на „Асикурациони Генерали“ (Assicurazioni Generali), една од најголемите италијански осигурителни компании, паднаа на крајот на октомври, откако забележа околу 840 милиони евра загуби од природни катастрофи, повеќе отколку што беше предвидено за целата година.