Годинашната Недела на климата во Њујорк (Climate Week NYC) почна со необичен интензитет.
На некои места да, и тоа импресивно. Најголемите кинески соларни компании сега придонесуваат со повеќе енергија во светската економија отколку гигантите во нафтената индустрија. САД го зголемија растот на обновливите извори на енергија за 94 проценти само во една година, делумно поради федералните стимулации за кои се залага претседателот Џо Бајден, а кои резултираа со тоа Американци да инвестираат сопствени средства во обновлива енергија тројно повеќе отколку што предвидуваа економистите. Европската Унија (ЕУ) постигна нова граница за производство на 70 проценти од својата електрична енергија од технологии со нула јаглерод. На глобално ниво, електричните автомобили сега сочинуваат 17 отсто од вкупната продажба, а тој број постојано расте.
Покрај тоа, батериите и другите технологии, вклучувајќи ги и новите сателити што овозможуваат да го идентификуваме истекувањето на метан, продолжуваат да напредуваат со брзо темпо. А трошоците продолжуваат да се намалуваат. Цената на батериите се намали за 90 отсто во период од 15 години.
Чесно е да се каже дека инженерите си ја вршат својата работа, но истото тоа не може да се каже за многу избрани лидери. Додека светот се оддалечува од загадувачкиот јаглерод и со невидено темпо ита кон чисти, здрави, обновливи извори на енергија, сè уште сме далеку зад тоа каде што треба да бидеме за да ги забавиме глобалното затоплување и разорните климатски промени.
Климатските промени стануваат сè подеструктивни за нашите економии и здравје, а цената што ја плаќаме за толку бавното движење продолжува да расте. Последната година, на пример, беше најжешката во историјата на светот. Во Феникс температурите достигнаа 100 Фаренхајтови степени (речиси 38 Целзиусови степени) дури во 113 последователни денови, што е рекорд.
Историските горештини донесоа историски суши, како и шумски пожари и посилни бури. Поплавите опустошија многу заедници низ светот, па дури и цели земји и региони, како што можат да потврдат жителите на Пакистан и Источна Европа, како и тие од Западна и Централна Африка. Во САД се проценува дека поплавите ја чинат економијата околу 390 милијарди долари годишно, односно еден отсто од бруто-домашниот производ.
Индустриите за јаглен и гас не може да си заминат тивко во ноќта. Всушност, некои од самите нафтени компании што се обврзаа дека ќе го запрат своето загадување, ја тужеа американската влада за да избегнат чистење на нивните ископи што инаку протекуваат.
Но се разбира дека проблемот не е само кај компаниите за фосилни горива. Иако експлодира обемот на раст на обновливите извори на енергија, тоа сè уште е главно концентрирано на север. Само 15 проценти од инвестициите во обновливите извори во 2023 година отидоа во Азија надвор од Кина, каде што се всушност најголеми потребите за енергија. Околу 750 милиони луѓе во Африка и Азија немаат електрична енергија, а милиони го доведуваат своето здравје во опасност работејќи во рудници за јаглен и покрај тоа што Африка има најголем соларен потенцијал во светот.
Побрзата трансформација претставува императив, особено уривањето на бариерите за ширење на обновливата енергија на југ. И така, во оваа недела на климата имаме помалку потреба за ветувања, а повеќе за акциски планови за да ги исполниме ветувањата дадени на минатогодишниот КОП.
Имаме ветер во грбот, но и огромни пречки и невидени опасности што стојат пред нас. Нивното надминување ќе бара надградба на нашиот замав за создавањето одржлива глобална економија.