Основачот на „Амазон“ (Amazon.com Inc.), Џеф Безос, соопшти дека се преселил во Мајами од регионот на Сиетл, за да биде поблиску до своите родители и операциите на Кејп Канаверал на „Блу ориџин“ (Blue Origin LLC), неговата компанија за истражување на вселената.
Безос, третиот најбогат човек во светот според индексот на милијардери на „Блумберг“, го објави тоа во четвртокот преку Инстаграм, а во објавата вклучи и видео од себе во својата гаража во Сиетл, каде што го основа „Амазон“ во 1994 година.
„Живеев во Сиетл подолго отколку на кое било друго место и имам толку многу неверојатни спомени овде“, рече Безос. „Колку и да е возбудлив потегот, тоа е емотивна одлука за мене. Сиетл секогаш ќе имаш место во моето срце“.
„Амазон“ го промени Сиетл
Неговата компанија „Амазон“ всушност помогна да се трансформира Сиетл - компанијата е најголемиот приватен работодавец во градот затоа што таму има технолошки центар со канцеларии, и тоа во центарот на градот. Безос се повлече од функцијата главен извршен директор на „Амазон“ во 2021 година за да стане извршен претседател на компанијата. Него го наследи Енди Џеси.
Безос неодамна купи две куќи во Индијан Крик, вештачки бариерен остров во поголемата област на Мајами познат како „бункер на милијардерите“. Тој платил 79 милиони долари за вила со седум спални соби откако го купил соседниот имот за 68 милиони долари.
Од пандемијата, Безос сè повеќе поминува време надвор од Сиетл, велат вработените што работат со него. Тој исто така поседува домови во Вашингтон, Њујорк, Лос Анџелес и во Мауи, како и ранч од 300.000 хектари во Тексас, основата на локацијата за лансирање на ракетата „Њу шепард“ на „Блу ориџин“. Безос ја изгради и суперјахтата „Кору“, вредна 500 милиони долари.
Мајами сè повеќе станува дестинација за ултрабогатите и нивните компании, нудејќи комбинација од начин на живот и ниски даноци.
Финансиските титани Кен Грифин, Ден Лоеб и Џош Харис по пандемијата купија раскошни вили на брегот на Мајами Бич. Исто така фудбалската ѕвезда Лионел Меси неодамна купи замок покрај океанот во предградие на Јужна Флорида, откако му се приклучи на Интер Мајами од МЛС-лигата, американската професионална фудбалска лига.
Грифин го пресели глобалното седиште на својот бизнис во градот од Чикаго и планира да изгради седиште што чини најмалку една милијарда долари.