Над 600 изложувачи од повеќе од 28 земји, меѓу кои и 74 македонски, ќе се претстават на меѓународниот саем за вино „Винска визија на Отворен Балкан“ (Wine Vision by Open Balkan) и кулинарскиот спектакл „Фуд вижн“ (Food Vision) што од денеска до недела се одржуваат на Белградскиот саем.
Најголемиот број винарници, дестилерии и гастрономски компании што ќе се претстават на саемот се од земјите членки на Отворен Балкан. Покрај нашите 74 претставници, ќе има 260 од Србија и 21 од Албанија.
Првиот саемски ден ќе биде од затворен карактер, за професионални купувачи и високи личности. Меѓу нив ќе има и претседатели, премиери и луѓе од владите на земјите од Отворен Балкан и на други земји, кои ќе ги пречека српскиот претседател Александар Вучиќ. За утревечер е закажана „Македонска вечер“, на која ќе бидат презентирани наши производи.
Минатата година, на првото издание на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“, имаше 400 производители на вино и храна од над 22 земји, меѓу кои и 42 винарници од земјава, како и „Македонска вечер“, на која покрај лидерите од регионот, беа присутни и голем број бизнисмени.
Саемот се одржува под покровителство на владите на Албанија, Србија и на Македонија.