Заштита на плурализмот, младите и влијанието на теренските операции се темите на вториот ден од триесеттиот министерски совет на ОБСЕ. Доминантна тема на првиот ден на самитот беше војната во Украина. Низа обвинувања размени рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со министрите на мнозинството земји учеснички на министерскиот совет.
Ова е една од петте вести што треба да ги знаете утрово.
Војната во Украина во фокус на министерскиот совет на ОБСЕ
Војната во Украина беше во фокусот на првиот ден од 30. Совет на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). За поголемиот дел од министрите руската офанзива кон Украина е директна закана за слободата на цивилното население и на меѓународното право, како и на принципите на ОБСЕ.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се чини дека привлече најголемо медиумско внимание на советот. Тој во своето обраќање изјави дека ОБСЕ е на работ на бездна и дека Западот ги уништува сите шанси за заживување на организацијата.
Колку се збогатија Македонците што инвестираа во седумте величествени?
Оваа зима нема да биде толку студена за инвеститорите што на почетокот на годинава решија да вложат пари во акциите на седумте величествени – големи технолошки компании што веќе подолг период се двигатели на пазарот на капитал. Тие секогаш може да се стоплат од слатките приноси што ги донесоа акциите на гигантите што се дел од оваа група („Епл“, „Амазон“ „Алфабет“, „Мета“, „Мајкрософт“, „Енвидија“ и „Тесла“).
Огромен пораст на вредноста на акциите имаше и „Мета“ (Meta platforms), во чија сопственост е социјалната мрежа Фејсбук. Оваа акција имаше најниска вредност од 124 долари на 3 јануари годинава, а највисока вредност од 341 долар оствари на 20 ноември, што е зголемување за 173 проценти.
ЕСМ понуди за 7,5 отсто повисока цена од сегашната на тендерот на „ЕВН хоме“
Универзалниот снабдувач „ЕВН хоме“ на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на регулираниот пазар за првите шест месеци од наредната година доби само една понуда од АД ЕСМ. Цената што ја понуди ЕСМ е за 7,5 отсто повисока од сегашната, која изнесува 53 отсто и која беше добиена во јуни годинава. ЕСМ за цената од 57 евра за мегават-час ќе покрива 95 отсто од вкупно планираните количества.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и во согласност со законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период „ЕВН хоме“ ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
НЛБ преку „задната врата“ на хрватскиот пазар
„Нова љубљанска банка“ (НЛБ) склучи купопродажен договор за купување стопроцентен удел во „СЛС Холдко“ (SLS Holdco), матичната компанија на „Самит лизинг“ и нејзините подружници, од фондовите што управуваат со филијалите на „Аполо глобал менаџмент“ и Европската банка за обнова и развој. Индиректно тие станаа сопственици на „Мобил лизинг“, кој има дозвола за работа на хрватскиот пазар.
Спрегата меѓу Словенија и Хрватска произлегува од времето на распадот на поранешна Југославија, кога хрватската филијала на „Љубљанска банка“ наиде на проблеми и не можеше да ги отплати девизните депозити на хрватските штедачи.
Хаосот од Панамскиот Канал се прелева во Суецкиот
Недостигот од дожд го пресуши главното езеро во Панамскиот Канал, што го отежнува транспортот на една од најважните светски бродски маршрути. Доцнењата таму веќе ја нарушија светската трговија, принудувајќи некои бродови да го преземат долгото патување низ Јужна Америка.
Суецкиот Канал е алтернативна маршрута за бродови што патуваат меѓу САД и Азија и доста добро се справува со застојот во последниве години, но тоа е нешто што треба да се има на ум како потенцијален проблем, вели Штохле. Суецкиот Канал има поголем капацитет од Панамскиот и низ него можат да поминуваат повеќе бродови дневно.