Од полуостровот Крим, окупиран од Русија, во овој период од годината се транспортира повеќе од 50 пати поголема количина жито од вообичаеното.
Ова веројатно укажува дека запленетото украинско жито се испраќа во странство, според аналитичарите и Киевската школа за економија, цитирани од Bloomberg.
Според истражувачот AgFlow од Женева, од почетокот на март од пристаништето во Севастопол се испорачани приближно 462.200 тони земјоделски производи: житарки, маслодајни семиња, растително масло, мешунки и други. Минатата година, за споредба, споменатото пристаниште опслужуваше околу осум илјади тони.
Ваквиот извоз од Севастопол, кој инаку е под санкции на Европската унија и САД, веројатно е знак за шверц, смета аналитичарката на Maxigrain, Елена Нероба, која претходно живеела во Украина.
Целиот полуостров Крим, кој беше окупиран од Русија во 2014 година, обично произведува меѓу 500.000 и 900.000 тони пченица годишно, најмногу за сопствена потрошувачка. „Вака Русија извезува украдено жито. Пристаништето на Крим е големо, а целата територија е под контрола на Русија“, рече Нероба.
Од друга страна, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека се сомнева оти може да се верува на статистиката за извозот од Крим, бидејќи AgFlow е швајцарска компанија.
Економското школа во Киев проценува дека до јуни, во текот на војната, Русија запленила или оштетила повеќе од милион тони жито и маслодајни семиња во вредност од околу 600 милиони долари.