Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер денеска на брифинг со новинарите порача дека имаат голем број докази и случаи за бизнисменот и бивш вицепремиер Кочо Анѓушев и неговото назначување на црната листа на САД. Таа информира дека Анѓушев веќе ја обжалил одлуката на Стејт департментот преку свој адвокат во САД.
„Кога велиме дека некој е корумпиран, 100 проценти сме сигурни во тоа. Не ставаме луѓе на црна листа врз основа на сомнежи или на чувства. Ние точно знаеме што направил Анѓушев“, вели Агелер.
Американската амбасадорка го оцени како позитивен чекорот на Владата да предложи закон со кој автоматски ќе се отвора истрага во земјава секое лице што ќе се најде на црната листа на САД, што досега се практикуваше за листите на ЕУ и на ОН.
Прочитај повеќе
Кочо Анѓушев ставен на црната листа на САД
Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба
05.12.2023
Анѓушев ќе се жали, Агелер вели дека САД ќе додадат и други имиња на црната листа
Кочо Анѓушев испрати допис до медиумите, во кој посочува дека нема основа да биде на црната листа на САД.
05.12.2023
Агелер напомена дека во Македонија постои епидемија на корупцијата, присутна е во сите пори на општеството и е значително зголемена во изминатите десет години. Таа потсети дека во изминатите 32 години, колку што двете земји имаат меѓусебни односи, САД издвоиле речиси 500 милиони долари за владеење на правото и за добро владеење во Македонија, а, како што рече, „гледаме епидемија на корупција во земјата“.
„Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“, рече Агелер.
Американската амбасадорка додаде дека црната листа на САД, на која само во последните осум месеци се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени, е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите.
Она што најмногу ја збунува американската амбасадорка, како што вели, е фактот што по секое објавено ново име на т.н. црна листа, никој во Македонија не е изненаден, ниту меѓу граѓаните ниту меѓу официјалните претставници.
Таа рече и дека од јуни годинава, кога САД го ставиле струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на црната листа, досега ниту еден македонски правосуден орган или институција не се обратиле до нивни колеги во САД да побараат споделување на доказите за да се отвори постапка и во земјата за лицата што се на листата.