Илoн Маск во петокот вечерта ги критикуваше концептите на различност, еднаквост и инклузија, нарекувајќи ги „зборови за пропаганда“, и покрај напорите на „Тесла“ (Tesla) да промовира такви иницијативи.
Маск, кој е извршен директор и најголем акционер на производителот на електрични возила, истакна дека во работната сила на „Тесла“ во САД доминираат групи кои историски биле недоволно застапени. Од „Тесла“ не одговорија на прашањата за коментарите на Маск, објавени на социјалната мрежа X што тој, исто така, ја поседува.
„Тесла“, со седиште во Остин и со производствени капацитети во Калифорнија, Невада, Тексас и Њујорк, го објави својот прв извештај за различност, еднаквост и инклузија (DEI) во декември 2020 година. Во поново време, ДЕИ иницијативите станаа дел од годишниот извештај за влијанието на производителот на електрични возила.
„Горди сме што сме компанија во која мнозинството го чинат припадници на малцинските заедници, со голем број вработени од заедниците кои долго време се борат против историските бариери за еднакви можности во САД“, се вели во Извештајот за влијанието на „Тесла“ за 2022 година.
Компанијата организираше настани за регрутирање на жени и студенти од традиционално црнечки факултети и универзитети односно институции фокусирани на латиноамериканската заедница, како и разни внатрешни настани за славање на различноста на вработените.
„Тесла“, исто така, има неколку групи на ресурси за вработените, а во 2022 година лансираше внатрешен билтен за ДЕИ кој се дистрибуира на национално ниво.
Во февруари 2022 година, агенцијата за граѓански права во Калифорнија поднесе тужба против „Тесла“ поради „проширен расизам“ во име на црните работници во фабриката во Фремонт. Во септември, Сојузната комисија за рамноправност при вработување, исто така, поднесе тужба против „Тесла“ за изложување на црните работници на „тешко или широко распространето вознемирување“.
„Инклузивноста е одговорност на сите“, истакнува „Тесла“ во својот извештај за влијанието. „Од првиот ден од влезот во работната сила, вработените се запознаваат со нашите принципи за различност, еднаквост и инклузија и се охрабруваат да се приклучат на Групите за вработени (ERG) предводени од поединци посветени на создавање силно чувство на заедница во 'Тесла'“.