Експерти се подготвени да го истражат местото на авионската несреќа во северна Грција за да утврдат дали на теренот има опасни хемикалии или експлозивен товар.
Товарниот авион „ан-12“ се урна во полиња меѓу две села доцна во саботата. Локалните жители пријавиле дека виделе огнена топка и слушале експлозии два часа по несреќата. Од предниот дел на трупот на авионот во неделата наутро сè уште се кревал облак бел чад.
Српскиот министер за одбрана, Небојша Стефановиќ, на прес-конференција во неделата изјави дека загинале сите осум членови на екипажот. Тој рече дека авионот превезувал 11,5 тони минофрлачка муниција од српско производство во Бангладеш, кој бил купувач. Авионот полетал од Ниш и требало да направи слетување во Аман, Јордан.
Авионот бил управуван од украинскиот карго превозник „Меридијан“, а украинскиот конзул во Солун, кој пристигнал на местото на несреќата, им рекол на локалните власти дека сите припадници на екипажот биле Украинци.
„Тоа беа минофрлачки мини за осветлување и обука... Овој лет ги имаше сите потребни дозволи во согласност со меѓународните прописи“, објасни Стефановиќ.
Авионот се урнал непосредно пред 23 часот, на околу 40 километри западно од меѓународниот аеродром во Кавала. Неколку минути претходно, пилотот на авионот им кажал на контролорите на летање дека има проблем со еден од неговите мотори и дека мора итно да слета. Тој бил упатен кон аеродромот во Кавала, но никогаш не стигнал таму.
Станува збор за товарно летало со четири мотори од советската ера.
Снимки од дрон покажуваат дека од авионот останале само мали фрагменти. Пожарникарите кои дошле во текот на ноќта биле спречени да стигнат до местото на несреќата поради чад и интензивна миризба за која се плашеле дека можеби е токсична.
На жителите во близина им било кажано да ги држат прозорците затворени цела ноќ, да не ги напуштаат своите домови и да носат маски. Властите соопштија дека не знаат дали во авионот имало опасни хемикалии, вклучувајќи ги и оние содржани во батериите.
Специјална армиска единица за нуклеарни, биолошки и хемиски супстанци ќе ја чешла локацијата, но не се очекува да пристигне пред 13 часот по локално време.
Противпожарната служба ја опколи областа во радиус од околу 400 метри.
Градоначалникот на општината на која припаѓаат двете села блиску до несреќата, забрани движење на возила по околните патишта.