Инфлацијата се намалува, но платите растат и одново притискаат на цените. Додека трговците повикувајќи се на бројките за инфлацијата се надеваат на значително олабавување на монератните политики в година, централните банкари велат има уште „пад да се оди“ за да се стигне до целната инфлација од два отсто.
На домашен терен, растат и платите и сметките за струја кои од Нова година најверојатно пак ќе бидат повисоки. Годинава струјата поскапе и во јануари и во јули, а порасна и ДДВ за струја од 10 на 18 отсто.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за овој ден
Добар 3 за енергетскиот напредок, безбедноста ни е најслаба страна
Македонија е трета од дното на листата од девет земји членки на Енергетската заедница (ЕЗ) рангирани според степенот на имплементација на ЕУ-регулативата од енергетскиот сектор, а зад нас се само Грузија и Босна и Херцеговина. Според новиот извештај на ЕЗ за 2023 година, нашата земја има реализирано 53 проценти од поставените задачи, исто колку и Молдавија. На листата предводи Србија (63 проценти), на второто место е Црна Гора (61 процент), а на третото место е Украина (59 проценти).
Енергетската заедница ги мери резултатите во пет кластери: пазари и интеграција, декарбонизација на енергетскиот сектор, осигурување енергетска безбедност, подобрување на еколошката средина и перформанси на власта. Нашата земја има најслаб резултат кај енергетската безбедност, а најдобро е оценета кај перформансите на власта.
Три земји во регионот имаат поевтин киловат-час струја од Македонија
Домаќинствата во Македонија плаќаат поскап киловат-час од Босна, Србија и од Косово, покажуваат податоците на европската статистичка служба „Евростат“ за 2022 година.
Во наредниот период ќе биде воведена и нова давачка – пристап до мрежа. Сè уште не е утврдено колку ќе изнесува, а се калкулира сума од 50 до 250 денари. Според власта, новата давачка ќе ја намали мрежарината за 20 отсто, а ќе ја плаќаат само тие што имаат по повеќе станови или куќи.
Германија ќе се бори со инфлацијата и во 2025 година
Инфлацијата ќе ги достигне целните два отсто на Европската централна банка (ЕЦБ) во 2025 година во три од четирите најголеми економии во регионот – Германија ќе биде исклучок.
Проекциите објавени во вторникот од страна на Банката на Франција и Банката на Шпанија, заедно со податоците од Банката на Италија во петокот, покажуваат дека растот на потрошувачките цени се приближува или дури паѓа под целта во тие земји, кои заедно сочинуваат речиси половина од БДП на регионот.
Бродовите пловат подолго за да го избегнат Црвеното море
Дел од глобалните поморски компании сега го избегнуваат Црвеното Море по серијата напади на бродови во клучниот воден пат витален за транспорт на сè, од нафта до јаглен и до телевизори.
Откако нападите се интензивираа минатиот месец, најмалку 13 бродови беа изложени на инциденти во областа. Безбедносната компанија „Ембри“ проценува дека бројката е поголема.
Путин: Русија го модернизираше целото нуклеарно вооружување
Претседателот Владимир Путин рече дека Русија го модернизирала речиси целиот свој стратешки нуклеарен арсенал, оживувајќи ја нуклеарната реторика додека се фалеше дека војната во Украина сега е во негова корист.
Улогата на руската воздушна, морска и копнена нуклеарна тријада во обезбедувањето рамнотежа на силите е „значително зголемена“ поради „појавата на нови воено-политички ризици“, рече Путин на состанокот на Министерството за одбрана во вторникот во Москва. Уделот на модерното оружје во нејзините нуклеарни сили „во оваа година е доведен до 95 отсто, а во поморската компонента речиси 100 отсто“, рече тој.