На годишно ниво, во ноември депозитите пораснаа за 7,2 отсто, главно поради штедењето на домаќинствата. Според последните податоци на Народна банка во годината на најсилното монетарно затегнување кредитите минатиот месец пораснаа за 0,3 отсто или за 5,2 проценти на годишно ниво. И растот на кредитите главно се должи на кредитирањето на домаќинствата. Како ќе се движат кредитите и депозитите догодина најмногу ќе зависи од тоа до кога НБРМ ќе ги држи каматите високи. Според прогнозите, пад на каматите во земјава може да се случи в лето.
Добро утро, ова е петте најважни вести за почеток на денот.
Како ќе се движат каматите во 2024 година?
Светот ќе ја запамети 2023-та како година во која централните банки отворија голем фронт за борба против рекордната инфлација, која главно се водеше преку зголемување на референтите каматни стапки, што резултира со раст на каматите на кредитите за корпоративниот сектор и населението и крај на ерата на „евтини пари“.
Во последните месеци од годината Банката на федерални резерви на САД (Фед), Европската централна банка (ЕЦБ), Народната банка на Македонија и централните банки во регионот конечно решија да паузираат во заострувањето на монетарната политика откако инфлацијата почна значително да опаѓа. Сепак, битката не е завршена и поради тоа анализиравме што се очекува од централните банки во 2024 година и како ќе се движат каматите на пазарот.
Различни генерации, различни грешки во управувањето со парите
Кога станува збор за парите, како и во животот, навременоста е сè. Проблемот е што многумина од нас прават потези во погрешна деценија.
Кога сме млади, слушаме колку е лош долгот, но прво отплаќаме погрешни заеми. Знаеме како да ги зголемиме нашите пензиски заштеди, но преземаме погрешен ризик. И кога ќе сфатиме дека плановите што сме ги правеле во младоста веќе немаат смисла, сепак продолжуваме понатаму.
Просечната плата во Македонија се зголеми на рекордни 38.843 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2023 година, изнесува 38.843 денари, што е зголемување од 17,3 проценти во однос на истиот месец минатата година. Михаел Блажековиќ, пазарен аналитичар во „Блумберг Адрија“ вели дека платите во Македонија продолжија силно да растат и во десеттиот месец од оваа година.
„Номиналниот раст на нето-платите во однос на истиот месец лани изнесува 17,3 проценти, додека реалниот раст поради намалувањето на инфлаторните притисоци е 14 проценти (коригирано според ХИЦП), што во моментов е највисок раст на платите во регионот Адрија. Во прилог на растот оди и малиот фонд на соодветни работници поради намалувањето на невработеноста, која падна во однос на просекот за цела 2022 година за 9 проценти.“, вели Блажековиќ.
Реакции: Владата ќе поддржи раст на платите само во три сектори
Државната помош за зголемување плати нема да важи за сите работници. Според предлог-законот што Министерството за труд и социјална политика го достави до Собранието, субвенции за да зголемат плати ќе добијат само работодавците од секторите градежништво, угостителство и текстилна индустрија.
Ваквиот предлог на Министерството за труд е неприфатлив за Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), од каде што бараат повлекување на законот од собраниска процедура. Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) исто така сметаат дека мерката треба да важи за сите работници во приватниот сектор чија плата е под просечната на национално ниво.
„ОИЛКО“ сака да го преземе „Макпетрол“
Командитното друштво со акции за транспорт „ОИЛКО“ планира да објави понуда за преземање на најголемата македонска нафтена компанија „Макпетрол“. „ОИЛКО“ во моментов поседува 22,8 проценти од вкупниот број обични акции во „Макпетрол“ и сака да ги презеде останатите акции по цена од 67.001 денар за акција. Акционерите на „ОИЛКО“ за планот за преземање ќе гласаат на седница на Собранието закажана за 20 јануари 2024 година.
„Се одобрува голема зделка со заинтересирана страна, каде страна во зделката се сите сопственици на обични акции со право на глас од издавачот „Макпетрол“ А.Д. – Скопје, освен „ОИЛКО КДА“ – Скопје и физичките лица кои дејствуваат заеднички со него – сопственици на обични акции со право на глас.“, пишува во предлог одлуката за преземање.