Да се скрши „стаклениот покрив“ што е синоним за родовата бариера во однос на женското лидерство и да се зголемат можностите жените да дојдат на позиции каде се носат одлуки, беше целта на одржаната Конференција на М6 Едукативниот центар.
Конференцијата која е дел од програмата „Чекор напред“ на М6 Едукативниот центар насловена како “Женско лидерство – време е да се скрши ‘стаклениот покрив’ преку премостување на родовиот јаз” го адресираше проблемот на кој учесниците преку својата перспектива придонесоа до изнаоѓање на соодветни решенија за негово надминување.
Општеството преку своите политики треба да биде ветер во грбот на жените да се охрабрат и да ги надминат личните внатрешни бариери и општествени предрасуди кон остварување на нивниот потенцијал, беше еден од главните заклучоци.
Исто така, еден од усогласените ставови беше дека учеството на жените на лидерски и позиции ќе доведе до поголеми општествени промени и економски раст.
М6 Едукативниот центар за прв пат ги обедини сите релевантни општествени перспективи за да се дојде до што е можно поинклузивни решенија што ќе го надминат родовиот јаз кон општествен и економски просперитет.
„Оваа конференција не е само настан, таа е доказ за моќта на соработката и потребата од градење мостови меѓу родовите за да се создаде поинклузивен и правичен свет“, истакна главната извршна директорка на М6 Едукативниот центар, Елена Младеновска Јеленковиќ.
На настанот постоеше консенсуз дека јазот постои и дека наместо да се намалува, станува поголем.
Сопругата на Претседателот на Македонија, Елизабета Ѓеоргиевска, истакна дека создавањето на еднакви можности за напредок значи да креираме политики и да носиме одлуки имајќи ја предвид женската перспектива.
„Женското лидерство не смее да биде замена на еден род со друг, туку се работи за искористување на уникатните сили и перспективи што секој род ги носи во себе. Преку соодветно воспитување на младите генерации, да ја поставиме основата за иднината каде лидерството не се дефинира според родот, туку според компетентноста, карактерот и визијата“, истакна Ѓеоргиевска.
Антје Ванделт, Директорка на АХК во Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство им порача на жените да се поддржуваат меѓусебно и да побараат помош кога им е потребна за да можат да ги реализираат своите цели и амбиции. Она што е најважно е да не се откажуваат од исполнување на своите соништа. Раскажувајќи ја својата лична приказна за менаџирањето на обврските со градењето кариера, родителството и грижата за домот, таа ја истакна улогата на градење мрежи на поддршка.
„Така ќе можат да разменат лични искуства, да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат жените на менаџерските позиции, да учат едни од други и да си бидат поддршка“, рече Ванделт.
Претседателот на УО на „Тиквеш“, Светозар Јаневски прати порака до компаниите и општеството дека родовата нееднаквост има сериозни импликации за државата, како економски, така и демографски, невклучувањето на жените на пазарот на трудот претставува загуба за општеството затоа што нивниот потенцијал не е искористен.
„Жените се похрабри од мажите и се скелетот на семејството, неопходно е да имаме разбирање за разликите на двата рода и иднината да ја градиме врз база на нивните различни силни страни“, истакна Јаневски.
Посебен интерес предизвика панелот кој ја претстави машката перспектива.
„Фактот дека статистиката покажува дека само 17 проценти од членовите на Управните одбори на котираните компании се жени, јасно зборува дека ова е тема на која треба да се работи“, истакна Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза.