Ли Сун-кјун, популарниот јужнокорејски актер најпознат по улогата во оскаровскиот филм „Паразит“ (Parasite), е пронајден мртов во автомобил во Сеул во средата, соопштија властите, по неколкунеделна интензивна полициска истрага за неговото наводно користење дрога.
Полицијата и брзата помош првично го пронашле Ли во, како што се верува, несвесна состојба во автомобилот паркиран на улица во северниот дел на Сеул. Службите за итни случаи подоцна потврдиле дека тој е мртов, според полициската станица Сеонгбук во Сеул.
Полицијата го барала Ли (48) откако добила пријава дека е исчезнат, соопшти полицијата во Сеонгбук.
Тие одбија да дадат дополнителни детали, вклучувајќи и за тоа дали утврдиле дека Ли се самоубил. Но, јужнокорејските медиуми, вклучувајќи ја и новинската агенција „Јонхап“ (Yonhap), објавија дека семејството на Ли претходно во средата пријавило во полиција дека тој заминал оддома откако оставил белешка слична на порака за самоубиство.
Телото на Ли подоцна било пренесено во блиската болница во Сеул, според полицијата во Сеонгбук.
Ли глумеше во „Паразит“, кој освои „оскар“ за најдобар филм и во три други категории во 2020 година. Класната сатира беше првиот филм од неанглиско говорно подрачје што ја освои наградата за најдобар филм во тогашната 92-годишна историја на оскарите и беше првиот јужнокорејски филм што доби „оскар“. Во филмот, Ли глумеше глава на богато семејство.
Дури и пред „Паразит“, Ли долго време беше популарен актер во Јужна Кореја. Тој се прослави со својата улога во хит ТВ-серијата „Coffee Prince (2007)“, а се стекна со мејнстрим популарност со медицинската драма „Behind The White Tower (2007)“, „Pasta (2010)“ и „My Mister (2018)“.
Ли бил подложен на полициска истрага за наводите дека користел нелегални дроги во резиденција на управителка на бар. Ли поднел тужба против две лица, вклучувајќи ја и управителката, тврдејќи дека го уценувале. Истрагата поттикна опширна покриеност на сторијата од страна на таблоидите. Ли инсистираше на тоа дека бил измамен да земе дрога и дека не знаел што зема, според „Јонхап“.
Јужна Кореја долго време има највисока стапка на самоубиства меѓу развиените земји. Исто така се случија низа самоубиства на славни личности во кои беа вклучени К-поп ѕвезди, истакнати политичари и бизнисмени. Експертите велат дека злонамерните и навредливи коментари на интернет и тешките форми на сајбер-булинг се виновни за многу самоубиства на славните.