Јапонија издаде предупредување за цунами речиси за целиот западен брег на земјата по силниот земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала што денеска го погоди полуостровот Ното, на околу 300 километри од Токио.
Цунами од повеќе од еден метар го погоди градот Ваџима, јави националната телевизија НХК. Дополнително, цунами од 5 метри би можело да ја погоди префектурата Ишикава, соопшти телевизијата. Властите ги повикаа луѓето во овие области да побегнат на повисоките места и подалеку од брегот.
Земјотресот бил доволно голем за да се почувствува во Токио. Засега нема извештаи за штета. Јапонската управа за нуклеарна регулација соопшти дека ги проверува операциите во нуклеарната централа „Кашивазаки Карива“ на компанијата „Токио Електрик Пауер“ и нуклеарните централи „Шика“ на компанијата „Хокурику Електрик Пауер“.