Судот во Дака го осуди Мухамед Јунус, кој е добитник на Нобеловата награда за мир за пионерски микрозаеми за некои од најсиромашните во Бангладеш на шест месеци затвор за прекршување на законот за работни односи.
Јунус (83) ќе остане надвор од затвор со кауција, изјави неговиот адвокат Абдула Ал Мамун. Трудовиот инспектор открил дека на вработените во „Грамин Телеком“, чиј претседател е Јунус, им биле одбиени бенефиции, вклучително и надоместоци за отсуство и за социјална помош. Тој ги отфрли обвинувањата.
„Грамин Телеком“ е непрофитна организација која поседува 34,2 проценти од најголемиот телекомуникациски оператор во Бангладеш, „Граминфон“, единица на норвешката „Теленор“ (Telenor ASA).
Ова е еден од околу 150-те случаи поднесени против Јунус откако Авами лигата на премиерот Шеик Хасина Ваџед дојде на власт во 2008 година, според „Амнести интернешенел“. Случајот е „амблем на загрозената состојба на човекови права во Бангладеш, каде што властите ги нарушија слободите и ги натераа критичарите да се покорат“, рече Ањес Каламар, генерален секретар на „Амнести“ во септември.
Хасина во многу наврати јавно го нападна Јунус. Во 2011 година, тој беше обвинет дека „цица крв од сиромашните“. Во 2022 година, власта тврдеше дека тој се обидел да го блокира финансирањето на Светската банка за проектот за мостот Падма. Јунус негираше каква било улога во замрзнувањето на средствата за проектот за мостот.